logo
logo
logo

РУСИЈА ИМА НОВО ОРУЖЈЕ! - Киев нападнат како никогаш досега

Vecer | 07.09.2026

РУСИЈА ИМА НОВО ОРУЖЈЕ! - Киев нападнат како никогаш досега

Главниот град на Украина, Киев, се соочува со најжестокиот бран на воздушни напади од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Според обемната анализа на официјалните податоци што ја спроведе Би-Би-Си, руските сили драстично ја променија својата воена тактика, па наместо ноќни гранатирања, сега изведуваат масовни удари во текот на денот, парализирајќи го целокупниот живот во градот.

Сирените за воздушна опасност над Киев свират и до 13 пати дневно, а граѓаните се принудени постојано да бегаат во подземните засолништа. Од крајот на август, сирените во просек се огласуваат по 10 пати на ден. Во само една седмица беа регистрирани рекордни 76 воздушни аларми, бројка што ги надмина дури и најкритичните денови од почетокот на војната во февруари 2022 година.

Причината за овој хаос лежи во користењето на нови, значително побрзи руски дронови на млазен погон. Овие беспилотни летала развиваат брзина од речиси 600 километри на час, што ги прави тројно побрзи од постарите модели и исклучително тешки за соборување. Во текот на август, Русија лансираше дури 2.800 вакви брзи дронови кон Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа итен состанок со воениот врв во обид да пронајде итно решение:

„Сви сите гледате дека Русите ја променија тактиката на удари врз Украина и дека од август многу пожестоко ги тероризираат нашите луѓе, градови и села“, порача Зеленски.

Портпаролот на украинското воено воздухопловство, Јуриј Игнат, призна дека армијата во моментов успева да собори само околу 60 проценти од овие брзи летала и алармираше дека на Украина и се итно потребни нови, софистицирани системи за пресретнување.

Новата тактика создава тотален колапс во функционирањето на градот. Учениците и студентите постојано ја прекинуваат наставата и ја минуваат денот под земја, јавниот превоз застанува, а продавниците и компаниите ги затвораат вратите со секоја нова сирена. За да се спречи потполн економски и социјален распад, украинските власти најавија воведување нов систем на тревожење во две нивоа (жолто за опасност од дронови и црвено за директна ракетна закана). Сепак, кај аналитичарите расте стравот дека оваа континуирана психолошка и економска тортура има за цел целосно да го исцрпи Киев пред доаѓањето на тешката зима.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk