Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговите специјални пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер заминале за Русија и Украина.
Трамп пред новинарите во Овалната соба во Белата куќа изјави дека Виткоф и Кушнер отпатувале за Москва и Киев за да го претстават предлогот за завршување на војната во Украина, пренесува Ројтерс.
Американските официјални претставници претходно во петокот најавија дека Виткоф и Кушнер за време на викендот во Москва и Киев ќе учествуваат на разговори за прекин на војната меѓу Русија и Украина.
Како што беше најавено, Виткоф и Кушнер утре во Москва ќе разговараат со рускиот претседател Владимир Путин, а во недела ќе се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека САД имаат конкретен план и нова идеја за мир. Трамп ги опиша Виткоф и Кушнер како „двајца одлични преговарачи“ и изрази уверување дека постои голема шанса за постигнување договор.
„Ги испратив Виткоф и Кушнер, двајца одлични преговарачи, да видиме дали можеме нешто да направиме. Имаме идеја за мир и можеби постои голема шанса да го оствариме тоа“, рече Трамп, пренесува Ројтерс.
Москва по ова прашање, засега, е воздржана.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата