logo
logo
logo

Експертите предупредуваат: НОВИ УРИВАЊА НА ГЛЕЧЕРИ СЕ ЗАКАНУВААТ ДА ПРЕДИЗВИКААТ НОВ ПОРОЕН БРАН ВО НЕПАЛ И ТИБЕТ

Vecer | 02.09.2026

Експертите предупредуваат: НОВИ УРИВАЊА НА ГЛЕЧЕРИ СЕ ЗАКАНУВААТ ДА ПРЕДИЗВИКААТ НОВ ПОРОЕН БРАН ВО НЕПАЛ И ТИБЕТ

Експертите стравуваат дека глечерите што ги предизвикаа поплавите во Непал и Кина и понатаму се во опасност од уривање, што би можело да предизвика нов пороен бран, пренесува „Дејли мејл“.

Бројот на загинати во поплавите во вторникот порасна на повеќе од илјада, додека спасувачките екипи се обидуваа да се пробијат до заедниците отсечени по катастрофата која на 26 август го погоди подрачјето.

Кинеското Министерство за водени ресурси вчера предупреди на „голем ризик“ што го претставуваат глечерите околу реката Цоџијан во Непал, каде што еден глечер се урна, потиснувајќи големи количини камења, мраз и стопена вода во долините ширум Непал и Тибет.

Тие соопштија дека нивото на водата во езерото што се создаде по поплавата во Непал значително паднало, но и предупредија дека нестабилните глечери низводно би можеле да предизвикаат нови поплави. Иако водата моментно истекува низ канал, новите свлечишта би можеле да ја блокираат реката и да создадат ново езеро.

Исто така, Кинеската метеоролошка управа издаде предупредување за нови врнежи во округот Ѓиронг на Тибет во текот на следните три дена.

За спасувачите моментно приоритет е да пронајдат најмалку 900 работници кои се водат како исчезнати од 12 хидроелектрични проекти оштетени од поројните поплави. Се верува дека околу 500 од нив се заглавени во тунелите.

– Невозможно е да се каже колку долго работниците ќе можат да преживеат бидејќи едноставно не знаеме во каква состојба се тунелите. Според нашите проценки, околу 300 работници се наоѓаат во шест до осум тунели. Ако имаат доволно кислород и храна, би можеле да бидат добро уште неколку недели. Но, според она што го видов досега, се чини дека тоа не е случај. Успеавме да стигнеме до еден тунел, но тој беше целосно исполнет со вода и кал, па не можевме да утврдиме дали внатре има работници. На друг тунел, по создавањето отвор, повикувавме луѓе, но немаше одговор – изјави Кулман Ѓисинг, поранешен раководител на низа хидроенергетски проекти, за „Дејли мејл“.

Сита Пандеј, чиј сопруг Џиблал работел во еден од тунелите, за локалните медиуми изјави дека и понатаму верува дека тој е жив, бидејќи во тунелите постои систем за довод на кислород.

– Разбираме дека спасувачката операција е технички сложена. Но, не можеме да прифатиме доцнења. Нашите луѓе се внатре. За нас секоја секунда е важна – рече Пандеј.

Бимал Шарма, пилот на хеликоптер кој од почетокот на катастрофата учествува во спасувачките мисии, изјави дека бил шокиран кога ги видел размерите на разурнувањето во Тимуре, граничен град во близина на Тибет кој го познава со години.

– Се чувствував како да летам над целосно поинаков предел – рече тој.

Стотици тела, од кои многу сè уште не се идентификувани, се погребани во плитки гробови откако почнале да се распаѓаат поради влажното време во непалските рамнини. Бидејќи мртовечниците се преполни, пред погребувањето земени се ДНК-примероци за семејствата да можат подоцна да ги преземат телата.

Катманду побара меѓународна помош, порачувајќи дека на Непал му се потребни „повеќе од илјада“ ладилници за чување на телата, пишува „Дејли мејл“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk