logo
logo
logo

ЗОШТО СЕ ВООРУЖУВА ГРЦИЈА и од кого треба да ги брани „Ахиловиот штит“?

Vecer | 02.09.2026

ЗОШТО СЕ ВООРУЖУВА ГРЦИЈА и од кого треба да ги брани „Ахиловиот штит“?

„Ахилов штит“ се создаде како проект за заштита на Грција и на комплетниот дел од државната територија од Турција, со оглед на тоа што Турција неодамна ја лансираше и примени својата поморска стратегија – „Сина татковина“. Во рамките на таа стратегија, одделни грчки острови фактички влегуваат во економската зона на Турција и, според тоа, му припаѓаат на дел од турската територија.

Вака воениот аналитичар и уредник на РТ Балкан, Андреј Млакар, ја коментира веста за продлабочувањето на грчко-израелската соработка и изградбата на современ систем за одбрана. Израел и Грција потпишаа најголем одбранбен договор во меѓусебната соработка, вреден три милијарди евра, кој предвидува изградба на повеќеслоен систем за противракетна и противвоздушна одбрана, соопшти Министерството за одбрана на Израел.

Договорот наречен „Ахилов штит“ подразбира систем кој ќе ги вклучува израелските комплекси „Давидова праќка“ и „Спајдер“, кои ги произведува компанијата „Рафаел“, како и системот „Барак МX“, од производителот „Израел аероспејс индастриз“ (ИАИ). Израел на Грција ќе ѝ испорача и повеќенаменски радари ММР, како и системи за командување и управување.

Израелското Министерство за одбрана истакнува дека станува збор за најголема зделка за извоз на израелската одбранбена индустрија во Грција, како и за еден од најголемите споразуми во областа на воено-техничката соработка во историјата на Израел.

Сина татковина

Турската поморска стратегија „Сина татковина“ е еден од клучните причини што Грција токму сега се одлучи на ваков потег, објаснува Млакар. Иза турската стратегија всушност стои надпреварување за гас и лежишта на гас кои постојат во југоисточниот Медитеран, особено во подрачјето околу Родос, Кипар и Крит. Таа цела зона исто така е поврзана и со Египет, што целата стратегија ја прави уште позначајна.

„Ова не е никаква пресвртница. Соработката меѓу Грција и Израел веќе некое време постои, а и воопшто имаат јака воена соработка. Ова е само круна на таа соработка, со оглед на тоа што Грција фактички ќе добие од Израел еден дел од елементите на израелскиот антиракетен штит, заедно со ПВО системите. Идејата е 'Ахилов штит' да ја заштити комплетната територија и да создаде непробојна зона, составена не само од ПВО системи од израелско производство и противракетни системи, туку и од борбена авијација и воени бродови, вооружени со ракети, пресретнувачи и ПВО ракети“, вели Млакар.

Тој вели дека со овој потег над комплетната територија на Грција би се создала заштита од сè поагресивните амбиции на Турција, која инаку тргна и во развој на сопствени балистички ракети.

Одговор на „муслиманскиот НАТО“

Вооружувањето и опремувањето на Грција може делумно да се поврзе и со неодамна склопениот споразум меѓу Турција, Саудиска Арабија и Пакистан, кој многумина го нарекуваат „муслимански НАТО сојуз“. Една од клучните точки на договорот што овие три држави го потпишаа предвидува, исто како Член 5 од НАТО споразумот, одбрана и реакција на сите потписнички доколку само една од нив биде нападната.

Фокусот на Турција е да придобие сојузници во својата борба со Грција и Израел. Турција сега има примат и можност да стане една од најмоќните држави во исламскиот свет, која има целосна контрола над исламските држави и сојузници кои ќе ѝ помогнат. Грција и Израел се најголемите турски ривали со кои таа земја во иднина ќе води политички игри и натпреварувања во зоната на Егејското Море.

Кој е појак?

Грција и Турција спаѓаат во најмоќните армии на НАТО пактот, тврди соговорникот. И по бројност, и по број на тенкови, и по број на војници, опременост, појаки се и од Германија и од Франција. Турција е, доколку ги исклучиме Соединетите Американски Држави, една од најмоќните армии на НАТО пактот и евентуално Полска ги престигнува во тоа, објаснува Млакар.

Турција претставува една од најмоќните армии која има исклучително развиена одбранбена индустрија, која почнува да развива тактички балистички ракети, крстосувачки ракети, планира дури и производство на хиперсонични ракети, има сопствена авијација. Турција е земја која самостојно произведува тенкови, произведува артилерија и по лиценца произведува комплетни противракетни и ПВО системи, ракетни системи и сè останато. За беспилотните летала и да не зборуваме. Она каде што се малку потенки во моментов е авијацијата, пред сè поради тоа што Американците не им испорачуваат Ф-16.

Од друга страна, Грција интензивно купува француски борбени авиони и ја зајакнува воената соработка со Израел веќе подолго време, а Израел исто така на тој начин си создава блиски сојузници. Кипар е локација на која Израел ги одмерува силите и каде што увежбува борбени операции. Бидејќи такво нешто на територијата на Израел е невозможно, израелските авиони се префрлаат на ова остров и над Кипар изведуваат борбени активности, со операции кои се одвиваат на Блискиот Исток. Млакар објаснува дека Кипар поседува конфигурација потполно слична на Либан, бидејќи некогаш одамна бил дел од копното на Левант.

Ова е само почеток на една долгорочна соработка и ривалство меѓу Турција, која сака да биде „безбедносен гарант на мирот“, односно всушност да го контролира комплетниот Блиски Исток и да ги поврзе сите исламски земји, и Израел, кој од друга страна собира себеси блиски сојузници, а тоа сега во моментов се Грците.

На кого уште Грците можат да сметаат?

Покрај Израел, Грција евентуално би можела да смета уште и на Франција, вели саговорникот. Франција е присутна во зоната на Медитеранот и е единствената земја која би била подготвена да помогне. Албанија тоа сигурно нема да го стори, вели тој, додека  Македонија и Бугарија ем немаат потребни капацитети, ем Бугарите не би ни сакале особено да се занимаваат со таква војна.

Оваа војна исклучиво би била судир на Турција и Израел, во кој би можела да се вклучи и Грција поради сопствените тензии со Турција и некои прашања кои датираат уште од крајот на 19. и првата половина на 20. век. Грците некои работи не забораваат и Турција ја сметаат за главен ривал. Постои потврдено партнерство на Грција, Кипар и Франција, а француската војска се инсталира на Кипар, што доволно зборува за тоа на кого Грција може да смета.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk