Огромен скандал ја потресе полицијата откако мрежа од вработени во МВР е фатена ин флагранти во момент кога правеле лажна возачка дозвола за мито. Поради ова, Внатрешната контрола започна обемна истрага, а сомнежите се дека стотици граѓани на овој начин добиле лажни дозволи за управување со камиони, шлепери и автобуси.
Шемата била едноставна, но опасна по животот на сите во сообраќајот: на „клиентот“ му било кажувано да ја пријави својата постоечка возачка како изгубена. Во процесот на изработка на новата пластична картичка, службениците му допишувале повисоки категории што никогаш не ги полагал, па така, обичен возач на автомобил преку ноќ станувал „професионален шофер“ на шлепер или автобус. Неофицијалните информации велат дека на ваков начин досега се отпечатени околу 300 лажни возачки дозволи.
Ова е директно загрозување на безбедноста, бидејќи ваквите „возачи“ без ден искуство, без лекарски прегледи и без соодветни обуки превезуваат патници, туристи и деца на училишни екскурзии.
За случајот веќе е известено Основното јавно обвинителство, а од МВР за „Слободен печат“ потврдија дека се преземаат сите мерки за целосно расчистување на аферата.
Дел од осомничените полицајци во минатото веќе биле дел од познатата афера со издавање лажни македонски пасоши на белосветски криминалци и мафијаши. Иако тогаш беа под истрага, тие со судски одлуки беа вратени на работа во МВР, за сега повторно да бидат фатени во илегален бизнис.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата