logo
logo
logo

ДЕВЕТ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ БАРААТ ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ФЛЕКСИБИЛНИТЕ МЕРКИ ЗА ШЕНГЕН СИСТЕМОТ (ЕЕС)

Vecer | 09.07.2026

ДЕВЕТ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ БАРААТ ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ФЛЕКСИБИЛНИТЕ МЕРКИ ЗА ШЕНГЕН СИСТЕМОТ (ЕЕС)

Девет европски земји ја повикаа Европската комисија да го продолжи важењето на флексибилните мерки при примената на Системот за влез и излез (ЕЕС) во вонредни ситуации, тврдејќи дека блокот не е подготвен да ги укине моменталните заштитни мерки поради нарушувањата предизвикани од новиот систем за собирање биометриски податоци на границите на Шенген зоната.

Во заедничкото писмо од 7 јули, во кое увид имал медиумот „Политико“, Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Холандија, Португалија и Швајцарија му порачаа на европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер, дека системот во првите месеци од работата покажал „значителни тешкотии“ кои не смеат да се потценат.

Министрите ја потврдија својата поддршка за новиот систем, но сакаат Комисијата да им дозволи на членките да продолжат да го користат вградениот механизам за вонредни ситуации и по 6 септември, кога е предвидено овој механизам да биде укинат.

Што овозможува овој механизам? Тој им дозволува на граничните служби во исклучителни случаи привремено да го прекинат земањето отпечатоци од прсти и скенирањето на лицата на патниците за да се намалат метежите, додека во исто време и понатаму се регистрираат сите кои влегуваат и излегуваат од Шенген зоната.

Министрите побараа и писмени гаранции од Комисијата за ова прашање пред да истечат сегашните флексибилни мерки.

Одговор од Европската комисија

Портпаролот на ЕК, Маркус Ламерт, изјави дека Комисијата ја поздравува „експлицитната посветеност“ на земјите за целосна примена на ЕЕС и систематската регистрација на сите патници од земји кои не се членки на ЕУ.

Тој повтори дека законот веќе предвидува вградена флексибилност, вклучувајќи ја и можноста за прекин на собирањето биометриски податоци во текот на летото, како и дека Комисијата останува во „близок и конструктивен контакт“ со неколку членки кои се соочуваат со потешкотии на одредени гранични премини. „Постои силна заедничка волја системот да функционира секаде“, додаде Ламерт.

Предупредувања од транспортниот сектор

Претходно, аеродромите, авиокомпаниите и фериботските оператори предупредија дека новиот систем предизвикува долги редици и оперативни нарушувања за време на летната сезона, како и дека е малку веројатно техничките и оперативните проблеми да бидат решени до почетокот на септември.

Комисијата засега не покажа намера да ги продолжи мерките за флексибилност по 6 септември.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk