logo
logo
logo

БАЛКАНСКИОТ БУРЕК ЈА ОСВОЈУВА ГЕРМАНИЈА: Пекарници никнуваат насекаде, Германците сè повеќе уживаат во нашите специјалитети

Vecer | 20.10.2026

БАЛКАНСКИОТ БУРЕК ЈА ОСВОЈУВА ГЕРМАНИЈА: Пекарници никнуваат насекаде, Германците сè повеќе уживаат во нашите специјалитети

Бурекот, кифлите, баклавата и другите балкански специјалитети стануваат сè попопуларни во Германија, каде што се отвораат нови балкански пекарници и надвор од големите градови. Додека традиционалните германски пекари се соочуваат со високи трошоци и недостиг од работници, балканските пекарници привлекуваат сè поширок круг купувачи, покажува репортажа на Дојче веле.

Во германскиот град Равенсбург, со околу 50.000 жители, 42-годишната Имране Бафтиу кон крајот на јули ја отворила пекарницата „Балкан бејкери“. Нејзините родители дошле во Германија од Косово како гастарбајтери, а таа денес се обидува да ги поврзе балканската традиција и германските прехранбени навики.

Покрај бурек, кремпити и ќебапчиња, во пекарницата се продаваат и интегрални производи и традиционални германски печива. Бафтиу вели дека работата засега оди добро, а нејзината цел е да создаде место во кое ќе се чувствуваат пријатно и луѓето со балканско потекло и германските купувачи.

Дека станува збор за поширок тренд потврдува и Франк Заутер, директор на здружението на пекарите во германската покраина Баден-Виртемберг. Според него, бројот на пекарници што нудат балкански производи расте, иако нема прецизна статистика бидејќи не се водат како посебна категорија.

Културологот Гунтер Хиршфелдер од Универзитетот во Регенсбург објаснува дека успехот на балканските пекарници е поврзан со промените во начинот на исхрана.

Големите традиционални оброци постепено губат дел од своето значење, а потрошувачите сè почесто бараат храна што може брзо да се купи и консумира. Токму во тој сегмент балканските пекарници пронаоѓаат простор на пазарот.

Дополнителна можност создава затворањето на дел од традиционалните германски пекарници поради зголемените трошоци и недостигот од работна сила. Со ослободувањето на деловните простори во градските центри се отвораат можности за нови претприемачи.

Важна улога има и променетиот однос на германското општество кон Балканот. За многумина, бурекот и другите специјалитети повеќе не се непозната храна, туку производи што ги пробале за време на одморите во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина или други земји од регионот.

Истовремено, втората и третата генерација доселеници од Балканот сè почесто отвораат сопствени бизниси, а со нив и балканската кујна станува дел од секојдневната понуда во германските градови.

Традиционалните германски пекари признаваат дека новите пекарници претставуваат конкуренција, но не сметаат дека нужно ги потиснуваат домашните производители.

Според Заутер, германските пекарници обично имаат поширок избор на леб и традиционални слатки печива, додека балканските нудат поинаков асортиман и привлекуваат делумно различни купувачи.

Тој посочува дека балканските пекари се соочуваат со истите трошоци како и нивните германски колеги, па пониските цени не се нужно нивната главна предност.

Од Централното здружение на германските пекари сметаат дека двата типа пекарници можат да функционираат паралелно, бидејќи разновидната понуда ги одразува културните и прехранбените навики на современото германско општество.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk