logo
logo
logo

АЛАРМ ВО БРИТАНИЈА: Двајца уапсени за сомнителен план за напад врз американска база – се истражува иранска вмешаност

Vecer | 20.10.2026

АЛАРМ ВО БРИТАНИЈА: Двајца уапсени за сомнителен план за напад врз американска база – се истражува иранска вмешаност

Британската полиција денеска повторно уапси двајца мажи под сомнение дека минатиот месец ѝ помагале на иранската разузнавачка служба во планирањето напад врз воздухопловна база во Англија, која е под американска управа.

Антитерористичката единица соопшти дека осомничените, 24-годишен британски државјанин и 25-годишен маж со двојно британско-иранско државјанство, биле уапсени врз основа на Законот за национална безбедност, објави Асошиејтед прес (AP).

Двајцата претходно веќе биле приведени, но биле пуштени со кауција додека истрагата продолжила. Полицијата од 27 септември истражува сомнежи за терористички заговор насочен против воздухопловната база РАФ Ферфорд во западна Англија. Од оваа база, во текот на војната оваа година, биле изведувани воздушни напади врз Иран.

По инцидентот, жителите од околните куќи биле евакуирани, а на терен биле испратени вооружени полицајци и воени пиротехничари. Полицијата подоцна потврдила дека во три комбиња на локацијата бил пронајден бензин, но не и експлозив.

Откако британските власти го поврзале Техеран со настанот, САД ги повлекле своите бомбардери од базата РАФ Ферфорд.

Уште петмина мажи, кои претходно биле уапсени во рамките на истата истрага, и натаму се на слобода со кауција. Досега против никого не е поднесено обвинение.

Лоренс Тејлор, шеф на британската антитерористичка полиција, изјави дека истражителите проверуваат голем број траги во рамките на исклучително сложената истрага.

„Истрагата интензивно продолжува и се собираат докази, но и натаму сметаме дека е многу веројатно дека во сето ова била вклучена иранската држава“, наведе Тејлор во соопштението.

Тој додаде дека истражителите продолжуваат да го утврдуваат обемот на евентуалната вмешаност и мотивите зад неа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk