Украина веќе ја изгуби војната со Русија, а Германија треба да престане да го финансира нејзиното продолжување, порача лидерката на Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, во интервју за „Економист” (The Economist).
– Мислам дека е погрешно да се продолжува со финансирањето и со пролонгирањето на една веќе изгубена војна – изјави Вајдел.
Вајдел е категорична и во проценката на односот на силите.
– Украина е премала. Украина не може да победи против Русија. Тоа е невозможно – рече таа.
Според неа, продолжувањето на војната и политиката што ја води германската влада создаваат „огромен ризик” за самата Германија.
„Германија на прво место”
Лидерката на АфД посебно ја оспорува огромната германска финансиска поддршка за Киев.
– Ќе потрошиме повеќе од 100 милијарди. Ниту една друга земја не потрошила толку, а ние самите сме високо задолжени – рече Вајдел.
Германските влади од почетокот на руската инвазија обезбедија различни форми на помош за Украина чија вкупна вредност до средината на 2026 година се проценува на околу 100 милијарди евра.
Вајдел својата позиција ја формулираше со порака која јасно потсетува на политичката парола „America First” на американскиот претседател Доналд Трамп.
– За мене, интересот на мојата земја е на прво место. Германија на прво место. Оваа војна не е во наш интерес – изјави лидерката на АфД.
„Кога дипломатијата седнува на маса, на масата секогаш седи и историјата“
Нејзината партија веќе отворено бара промена на германската политика кон Москва и запирање или драстично намалување на воената и финансиската помош за Киев. Само еден ден пред објавувањето на интервјуто, АфД и левичарската БСВ во покраинскиот парламент на Саксонија-Анхалт изгласаа симболична иницијатива со која се бара прекин на германската воена помош за Украина.
Вајдел истовремено инсистира на враќање на дипломатијата со Москва.
– Кога дипломатијата седнува на маса, на масата секогаш седи и историјата – рече таа.
Притоа нагласи дека не го оправдува рускиот напад врз Украина:
– Ова не е оправдување на нападот врз Украина. Не е оправдување.
Но, според неа, евентуалните мировни преговори мора да ја земат предвид и историјата на односите меѓу Русија и Западот.
Лидерката на АфД веќе бара и обновување на економските односи со Русија. Неколку дена пред интервјуто таа го пофали пристапот на Трамп кон Москва и побара сличен договор за Германија.
„И ние сакаме дизел-договор за Германците, за нашата земја, за Германија. Затоа мораме да седнеме на маса”, рече Вајдел, оценувајќи дека досегашната германска политика кон Украина доживеала неуспех.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата