Претседателот на Словенечката демократска партија (СДС), Јанез Јанша, денеска е предложен за мандатар за состав на новата словенечка влада, со поддршка од 48 пратеници.
Кандидатурата на Јанша, покрај пратениците на СДС, ја поддржаа и пратениците на Нова Словенија (НСи), Словенечката народна партија (СЛС), Фокус, Демократите на Анже Логар, како и членовите на движењето „Ресница“ (Ресина), кои формално ќе останат во опозиција, јави Словенечката новинска агенција (СТА).
За избор на мандатар потребни се 46 гласови од пратениците, а гласањето би можело да се одржи најрано во петок, додека изборот на владата би уследил на почетокот на јуни.
Кој е Јанез Јанша?
Јанша, кој е роден на 17 септември 1958 година, на овој начин најверојатно ќе стане претседател на новата словенечка влада, и тоа по четврти пат.
Владата за првпат ја предводеше од 2004 до 2008 година, а потоа уште двапати – во периодот од 10 февруари 2012 до 20 март 2013 година и од 2020 до 2022 година.
За пратеник беше избран на првите повеќепартиски избори во април 1990 година, од листата на Словенечкиот демократски сојуз (СДЗ), и од тогаш на сите наредни избори е избиран за член на Државниот збор (парламентот).
На СДС ѝ се приклучи во 1992 година, а за претседател на партијата беше избран во мај 1993 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата