Истовременото подигање на борбени авиони во Јапонија и Јужна Кореја поради движење на руски воени летала ги зголеми тензиите во регионот. Токио соопшти дека две летала, за кои постои сомневање дека се руски, го нарушиле јапонскиот воздушен простор, по што на Москва ѝ упатило остар дипломатски протест, јавува АФП.
Според јапонското Министерство за одбрана, леталата влегле во воздушниот простор северозападно од островот Окиношима, недалеку од Фукуока. Првото било забележано околу 4:07 часот по локално време и останало три минути, а второто влегло две минути подоцна и исто така се задржало околу три минути. Јапонските воздухопловни сили веднаш испратиле борбени авиони за да ги предупредат.
Портпаролот на јапонската влада, Минору Кихара, оцени дека нарушувањето на воздушниот простор претставува сериозно загрозување на суверенитетот и безбедноста на земјата. Тој соопшти дека преку дипломатски канали до Русија бил упатен остар протест, со барање да се спречи повторување на вакви инциденти.
Во истиот ден и Јужна Кореја испратила борбени авиони откако неколку руски воени летала влегле во нејзината зона за идентификација на противвоздушната одбрана, позната како КАДИЗ. Според јужнокорејскиот Генералштаб, руските летала биле забележани над Источното Море, пред да влезат во зоната, по што биле испратени борбени авиони за следење на ситуацијата.
Руските летала потоа го напуштиле подрачјето без да го нарушат воздушниот простор на Јужна Кореја. Зоната за идентификација на противвоздушната одбрана служи за рано откривање и следење на странски летала, а самото влегување во неа не претставува повреда на државниот воздушен простор.
Сличен инцидент меѓу Јапонија и Русија се случил и во септември 2024 година, кога Токио протестирало поради трикратно нарушување на неговиот воздушен простор од руски воен патролен авион. Односите меѓу двете земји дополнително се влошиле по почетокот на руската инвазија врз Украина, а долгогодишен спор водат и околу Курилските Острови, кои Советскиот Сојуз ги зазел во 1945 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата