Форензичкиот експерт Мајкл Фримен смета дека осудениот сексуален престапник Џефри Епстин не се самоубил во затворската ќелија во Њујорк во 2019 година, туку бил убиен. По прегледот на медицинската документација и фотографиите од обдукцијата, тој заклучил дека повредите на телото повеќе упатуваат на давење со јамка отколку на самоубиство со бесење.
Говорејќи во емисијата „Би-би-си њузнајт“ (BBC Newsnight), професорот Фримен рече дека ја прегледал документацијата на њујоршкиот судски медицински вештак и дека, врз основа на наодите, верува оти Епстин бил задавен, најверојатно одзади.
Официјалниот наод од обдукцијата, направена во 2019 година, беше дека повредите на Епстин се во согласност со самоубиство. Докторката Барбара Сампсон, медицински вештак, која ја извршила обдукцијата тогаш соопшти дека нема докази за одбранбени повреди, какви што би се очекувале доколку станувало збор за убиство.
– Цврсто стојам зад нашата одлука за причината и начинот на смртта на господинот Епстин. Причината за смртта е бесење, а начинот на смртта е самоубиство – изјавила Сампсон за Би-би-си.
Фримен работел како форензички експерт за утврдување на причините за смрт во случаи што ги истражувале обвинителствата во САД, вклучително и случаи на лица кои починале додека биле во полициски притвор. Меѓу нив е и случајот со Џорџ Флојд во Минесота.
Пред настапот на Би-би-си, својата анализа и дел од документацијата Фримен ги претставил на Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL). Документите и фотографиите му ги доставил Марк Епстин, братот на Џефри, кој со години тврди дека неговиот брат бил убиен.
Фримен нагласи дека неговата анализа е независна и дека Марк Епстин не му платил за истражувањето. Тој не го видел телото на Епстин, туку заклучоците ги засновал исклучиво врз медицинската документација и фотографиите од обдукцијата.
Според неговата анализа, на телото имало знаци што можат да упатуваат на напад. Меѓу нив се длабоко внатрешно крвавење во пределот на левото рамо и повреди на лицето кои, според него, изгледаат како последица на удари.
Фримен смета дека доказите најмногу одговараат на сценарио во кое Епстин најпрво бил задавен со јамка, а потоа истата јамка била искористена за неговото тело да биде обесено на кревет на спрат.
Тој посочува и на траги на вратот, кои според него личат на траги од нокти и се наоѓаат над трагата од јамката.
– Тоа одговара на претпоставката дека смртта настапила од давење, особено ако нападот бил извршен одзади, како и со обид на жртвата да ја тргне јамката од вратот – објасни Фримен.
Тој смета дека повредите не се совпаѓаат со положбата во која било пронајдено телото.
– Повредите и начинот на кој е пронајдено телото не се совпаѓаат. Останува само едно објаснување, а тоа е дека смртта била последица на убиство – рече форензичкиот експерт.
Фримен посочил и на пропуст во документацијата. Според него, во истрага за смрт со бесење во затворски услови би очекувал да постои фотографија од телото пред да биде симнато од јамката.
Во извештајот на американското Министерство за правда за престојот на Епстин во затворот се наведува дека чуварот кој го пронашол веднаш повикал колега да му помогне. Потоа го спуштиле телото на подот и започнале обиди за реанимација.
На прашањето кој би можел да го убие Епстин доколку неговата анализа е точна, Фримен одговорил дека нема никаква претстава.
– Немам мислење за тоа. Тоа не е нешто што е дел од истрагата што сум ја спровел – рече тој.
Епстин во 2008 година беше осуден за наведување малолетничка на проституција, по што беше
регистриран како сексуален престапник. Благодарение на спогодбата за признавање вина, избегна построга затворска казна.
Единаесет години подоцна, против него беа поднесени нови обвиненија дека организирал мрежа од малолетни девојки за сексуална експлоатација. Епстин го чекаше судењето во њујоршкиот затвор „Метрополитен корекшнал“ (Metropolitan Correctional Center), каде што беше пронајден мртов во август 2019 година. Еден месец претходно тој беше префрлен во ќелија со посебен надзор поради опасност од самоубиство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата