Американските разузнавачки служби дошле до нови податоци според кои Иран разгледува можни сценарија за напади врз високи функционери на администрацијата на претседателот Доналд Трамп директно во Вашингтон, со потенцијална употреба на таканаречена „валкана бомба“ или хемиско оружје, објави ексклузивно Си-Ен-Ен, повикувајќи се на седум американски претставници запознаени со извештаите.
Иако меѓу безбедносните структури постојат несогласувања околу тоа дали Техеран навистина има оперативни капацитети и луѓе на терен за да спроведе ваква акција, податоците укажуваат дека наводните планови опфаќаат конкретни локации и мети во американската престолнина. Поради ваквите сознанија, надлежните институции во САД во текот на изминатата недела одржале повеќе вонредни состаноци за подготовка на кризни протоколи, а Тајната служба дури го преместила министерот за финансии Скот Бесент во воен објект поради безбедносни проценки.

Разузнавачките служби паралелно проверуваат и пресретнати комуникации во кои се тврди дека Иран веќе има складирано материјали за изработка на експлозивни направи на американска територија, иако официјални лица се поделени околу веродостојноста на овие информации. Експертите разгледуваат можност радиоактивни или хемиски агенси да биле претходно внесени во земјата за да се комбинираат со конвенционален експлозив, при што Иран не би морал да испраќа обучени оперативци од странство, туку би можел да ангажира лице кое веќе живее во САД. Како што појаснуваат безбедносните извори, „валканата бомба“ не предизвикува нуклеарна верижна реакција, туку служи првенствено како оружје за масовно заплашување кое преку конвенционална експлозија распрскува радиоактивен материјал, предизвикувајќи долготрајна еколошка и здравствена контаминација.

И покрај зачестените закани кои траат уште од првиот мандат на Трамп, вклучувајќи го и наводниот заговор за негов атентат во 2024 година, портпаролката на Белата куќа, Лорен Бис, се обиде да ја смири јавноста порачувајќи дека властите будно ги следат сите закани и дека во моментов не постојат веродостојни показатели за непосреден напад врз татковината.
Од друга страна, иранската мисија при Обединетите нации во Њујорк категорично ги отфрли обвинувањата за каква било поврзаност со хемиско оружје, оценувајќи ги како лажни и измислени и нагласувајќи дека Техеран ја смета неговата употреба за целосно нелегитимна во какви било околности, но остана без конкретен коментар за наводите околу можната употреба на радиоактивна „валкана бомба“. Ситуацијата дополнително ја усложнува и паралелната истрага на Пентагон и „Њујорк тајмс“ за ризиците од евентуален хемиски напад врз американските војници распоредени на Блискиот Исток, каде што, според двајца американски претставници, дел од единиците немаат соодветна заштитна опрема и обука, поради што се подготвуваат итни мерки за заштита на дипломатскиот и разузнавачкиот персонал во регионот.
Целата драма се одвива во момент на максимална воена и економска напнатост меѓу Вашингтон и Техеран поради судирот околу Ормускиот мореуз, разорната американска економска блокада и ќор-сокакот во дипломатските преговори.

Истовремено, во Вашингтон се води жестока битка за итно обновување на Членот 702 од Законот за надзор на странските разузнавачки служби, чија важност истече во јуни, а државниот обвинител Тод Бланш, директорката на Националната разузнавачка служба Џеј Клејтон и директорот на ЦИА Џон Ретклиф го предупредија Конгресот дека секое натамошно одложување го загрозува откривањето терористички заговори и безбедноста на Американците. Иако претседателот Трамп минатата недела изјави дека судирот би можел да заврши „релативно брзо“, регионалните и американските аналитичари предупредуваат дека наредните недели се исклучително чувствителни, бидејќи тврдокорните структури или неконтролирани елементи во иранскиот режим, соочени со борба за гол опстанок, би можеле да преземат екстремен ризик и да изведат напад што целосно би го минирал секој обид за мировен договор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата