Јеменските провладини сили, поддржани од Саудиска Арабија, соопштија дека ги повлекуваат своите трупи од областа околу стратешки исклучително важниот теснец Баб ел-Мандеб на јужниот крај на Црвеното Море, со цел да ја зајакнат одбраната на привремениот главен град Аден по повеќенеделните жестоки борби со движењето Хути, кое ужива поддршка од Иран, пренесе Би-Би-Си.
Јужните вооружени сили, кои се борат на страната на меѓународно признатата влада, наведоа дека ги напуштаат позициите кај аеродромот Дубаб и појасот на Баб ел-Мандеб поради приоритетот да се обезбеди Аден и соседните провинции. Медиумите под контрола на Хутите веднаш објавија дека нивните борци ја презеле контролата врз евакуираната територија, додека официјален Ријад засега се воздржува од коментар.
Ваквото повлекување става крај на повеќенеделната офанзива на провладините трупи за враќање на контролата врз клучната поморска рута, која Хутите ја зазедоа во ненадеен напад во септември, вклучувајќи го островот Перим на самиот влез во теснецот и стратешкиот пристаништен град Моха. Иако Хутите тврдат дека не претставуваат закана за меѓународниот поморски сообраќај и дека нивна цел се исклучиво саудиските пловила, нивното преземање на теснецот предизвика нов скок на глобалните цени на нафтата, бидејќи Саудиска Арабија во голема мера се потпира на Црвеното Море за извоз на енергенси откако војната на САД и Израел со Иран практично го затвори Ормускиот мореуз.
Ескалацијата на судирите во Јемен, која започна во јули со распаѓањето на четиригодишното неформално примирје и воведувањето „поморско ембарго“ од страна на Хутите врз Саудиска Арабија, сериозно го влоши хуманитарниот биланс на теренот. Во последните недели Аден беше мета на зачестени напади, вклучувајќи го и ударот врз претседателската палата на 15 октомври при што загинаа пет лица, на што Ријад одговори со стотици воздушни напади, а Хутите возвратија со баражи од дронови и ракети врз саудиски градови и инфраструктура. Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации алармираше дека од август наваму повеќе од 60 отсто од документираните цивилни жртви се жени и деца, додека речиси 330.000 луѓе се раселени поради обновените воени дејствија во земјата опустошена од граѓанска војна уште од 2014 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата