Извршниот директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, оваа недела поднесе оставка од компанијата што ја основал. Неговото заминување следеше по медиумските извештаи за афери, вклучувајќи врска со подредена вработена и со друга жена за која американските власти се сомневаат дека соработува со кинеската разузнавачка служба. Иако деталите за шпионажата и приватниот живот се во фокусот на јавноста, тие би можеле да ги засенат сериозните деловни проблеми со кои се соочува втората највредна американска компанија, пишува Си-ен-ен.
Проблематична продажба во Кина
Хуанг долго време се залагаше за продажба на чиповите на „Енвидија“ на кинескиот пазар. На конференцијата на Институтот Милкен во 2025 година, тој процени дека кинескиот пазар за чипови со вештачка интелигенција на крајот ќе достигне вредност од 50 милијарди долари, споредувајќи ја таа сума со вредноста на целата компанија „Боинг“.
Сепак, Вашингтон имаше други планови. Администрацијата на Бајден воведе ограничувања на извозот на чипови за да го спречи Пекинг да ја користи технологијата за модернизација на својата војска и развој на системи за вештачка интелигенција. „Енвидија“ потоа разви послаб чип во согласност со американските прописи, но неговата продажба на крајот беше ограничена од администрацијата на Трамп.
Од „Енвидија“ проценија дека овој потег ќе го намали нивниот профит за 5,5 милијарди долари. И покрај ова, Хуанг и претседателот Доналд Трамп останаа во блиски односи. Ројтерс објави дека американската влада претходно оваа година им дозволила на десет кинески компании да го купат моќниот чип H200 на „Енвидија“.
Истрага за „Мегаспид“
Американската влада ја идентификуваше Алис Хуанг како жената со која Џенсен Хуанг бил во врска. Таа беше директорка во сингапурската компанија „Мегаспид“, која е клиент на „Енвидија“, а официјалните лица се сомневаат дека таа е потенцијален соработник на кинеските разузнавачки служби.
„Мегаспид“ е под истрага поради сомнение за пренасочување американски полупроводници кон субјекти во Кина и со тоа кршење на правилата за извоз. Некои аналитичари проценуваат дека „Мегаспид“ купил чипови на „Енвидија“ во вредност од повеќе од четири милијарди долари.
Претставници на администрацијата на Трамп со месеци ја имаат на мета компанијата „Мегаспид“, а некои вработени во Министерството за финансии сметаат дека таа треба да биде ставена на црната листа од Министерството за трговија. Извори запознаени со ситуацијата изјавија за Си-ен-ен дека Министерството за трговија го одложува потегот, иако секретарот Хауард Латник бил информиран за врската меѓу Џенсен и Алис Хуанг пред неколку месеци.
Од „Мегаспид“ ги отфрлија обвинувањата и порачаа дека се „легална компанија која ги почитува прописите“. „Енвидија“ објави дека нејзиното работење во Кина паднало на нула по трговските ограничувања на САД од април 2025 година.
Министерот за трговија Латник под притисок
Одбивањето на Министерството за трговија да го стави „Мегаспид“ на црната листа предизвика јавен конфликт во администрацијата на Трамп. Министерот за финансии Скот Бесент јавно го обвини министерството на Латник дека ја одложува одлуката за прогласување на „Мегаспид“ за закана за националната безбедност.
Според извори блиски до администрацијата, поради овие конфликти започнала дискусија за разрешување на министерот Латник. Сепак, Трамп продолжува да го поддржува Латник, кој е негов долгогодишен пријател.
Белата куќа во соопштението наведе дека претседателот „има целосна доверба во министерот и неговата способност да ја извршува оваа должност како највлијателен министер за трговија во модерната историја“. Латник доброволно се согласил да сведочи пред Банкарскиот комитет на Сенатот во петок.
Друго важно име во приказната е Super Micro Computer. Во март, основачот на таа калифорниска компанија беше обвинет за шверц на сервери со чипови на „Енвидија“ во Кина, чија вредност се проценува на 2,5 милијарди долари, со што исто така биле прекршени американските закони.
Компанијата, која не беше директно именувана во обвинението, во тоа време изјави дека целосно соработува со истрагата. Овој случај дополнително илустрира како производите на „Енвидија“ стигнале до Кина и покрај строгите контроли на извозот.
Половина трилион долари за вештачка интелигенција
Огромни количини пари течат низ екосистемот на вештачка интелигенција, а Nvidia е еден од најголемите финансиери во тој систем. Во текот на летото, компанијата соработуваше со инвестициски гиганти како што се „Аполо“, „Блек Рок“, „Блекстон“, „Брукфилд“, „Голдман и „ККР“ за да обезбеди заеми од повеќе од 500 милијарди долари за изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција.
Дополнително, „Енвидија“ годинава инвестираше 105 милијарди долари во центарот за податоци на ОпенАИ. Стратегијата во која „Енвидија“ ги гарантира зделките и инвестира во компании кои потоа ги купуваат нејзините производи сега е под нов притисок, бидејќи Хуанг беше клучната фигура што ги водеше повеќето од тие договори, а повеќе не е на чело на компанијата.
Главното прашање што останува е дали Хуанг ги излажал менаџментот и инвеститорите на „Енвидија“. Тужбата поднесена од акционерите во понеделникот тврди дека тој ги довел во заблуда кога бил прашан за неговата врска со Алис Хуанг.
Поранешниот директор би можел да се соочи и со други последици. Конгресот исто така бара одговори, а претседателот на Банкарскиот комитет на Сенатот изјави дека се подготвени да издадат судска покана доколку Хуанг не се појави доброволно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата