Германија, Франција, Холандија, Белгија и Луксембург предлагаат Европската Унија да размисли за привремено ограничување на некои права на глас на идните членки, како и за воведување посилни механизми за заштита на владеењето на правото, објавува Ројтерс.
Предлогот беше презентиран во заеднички документ на петте земји. Европските влади дискутираат за потребата од промена на правилата за новите членки, додека Црна Гора очекува да се приклучи на Унијата во 2028 година, а Албанија, Украина и Молдавија напредуваат во нивните процеси на пристапување, а Македонија треба да ги започне пристапните преговори.
Некои главни градови сега вршат притисок за развој на посилни заштитни мерки за идните членки, делумно поттикнати од искуството на блокот со Унгарија.
Ограниченo правo на глас
Документот ги наведува можните опции што треба да се вклучат во идните договори за пристапување, како што се нов механизам за следење и заштитна клаузула што би овозможила реакција во случај на сериозни застои во области како што се демократијата и слободата на медиумите.
„ЕУ треба да спроведе длабинска дискусија за можноста за привремени, преодни ограничувања на правата на глас за новите земји-членки, особено во делови од acquis на ЕУ каде што е потребна едногласност“, се вели во документот.
Потписниците се повикуваат на одлуките за проширување, надворешна политика и буџетот на Унијата, за кои во моментов е потребна согласност од сите земји-членки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата