logo
logo
logo

МЕРЦ Е УПОРЕН - Македонија и цел Западен Балкан со Украина да добијат придружно членство во ЕУ

Vecer | 15.07.2026

МЕРЦ Е УПОРЕН - Македонија и цел Западен Балкан со Украина да добијат придружно членство во ЕУ

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека останува на својот предлог за воведување придружно членство во Европската Унија за Украина и земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, оценувајќи дека Унијата мора да ја зачува довербата кај државите на кои со години им ветува европска перспектива.

Мерц посочи дека неговата иницијатива во Украина наишла на поделени реакции поради внатрешнополитички причини, но дека кај останатите европски лидери била позитивно прифатена.

Веќе 13 години Европската Унија нема примено ниту една нова членка, иако на голем број европски држави им беше ветено членство – изјави германскиот канцелар.

Тој нагласи дека ЕУ има две можности – или јасно да соопшти дека проширувањето повеќе не е можно, што според него би било најлошото решение, или постепено да го придвижува процесот преку конкретни чекори.

Можете да го наречете поинаку, но ако го изгубиме кредибилитетот, губиме многу повеќе. Ќе ги изгубиме тие земји, а геополитички тоа би било најлошото нешто што може да ѝ се случи на Европа – порача Мерц.

Тој призна дека процесот на пристапување во ЕУ останува сложен и дека нема да се одвива толку брзо колку што очекуваат некои кандидати, но истакна дека Унијата мора да остане доследна на ветувањата за членство.

Предлогот, кој Мерц го испрати до лидерите на Европската Унија во форма на нон-пејпер на 18 мај, предвидува забрзана интеграција преку воведување преодни статуси за земјите кандидати пред нивното полноправно членство.

Според документот, земјите од Западен Балкан и Молдавија би добиле статус на набљудувачи во институциите на ЕУ, како и привилегиран пристап до единствениот европски пазар уште пред формалното членство.

За Украина, пак, се предлага статус на придружна членка, што би ѝ овозможило учество на состаноците на Европската Унија и отворање на преговарачките поглавја, но без право на глас.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk