Германија би можела да се соочи со радикален пресврт во европската политика доколку АфД дојде на власт. Лидерката на партијата Алис Вајдел најави дека нејзината партија би барала Германија да го напушти еврото и Шенгенскиот простор, како и да ги затвори националните граници. Во интервју за германскиот јавен сервис ZDF, Вајдел оцени дека на Германија ѝ било подобро пред воведувањето на еврото, тврдејќи дека заедничката валута негативно влијаела врз германската економија и богатството на домаќинствата.

„Ќе ги затвориме границите и ќе излеземе од Шенген“, порача таа, најавувајќи и поголем број депортации и построги правила за стекнување германско државјанство.
АфД сака и враќање на дел од сириските државјани чии статуси на заштита повеќе не важат. Вајдел истовремено го нападна конзервативниот CDU на канцеларот Фридрих Мерц поради одбивањето соработка со АфД и порача дека нејзината партија има амбиција да управува и на сојузно ниво.
АфД расте во анкетите
Според податоците наведени во извештаите, АфД има силна поддршка пред изборите во Саксонија-Анхалт на 6 септември, каде што поддршката за партијата надминува 40 проценти. На национално ниво, една од наведените анкети ѝ дава 27 проценти поддршка на АфД, пред CDU со 22 проценти.
Партијата, која е основана во 2013 година како евроскептична политичка сила, во изминатата деценија значително се помести надесно и во центарот на својата политика ги стави миграцијата, националниот суверенитет и критиките кон Европската Унија.
На федералните избори во февруари 2025 година АфД освои 20,8 проценти од гласовите и стана најголема опозициска сила во Бундестагот. Вајдел најави и отфрлање на плановите за забрана на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување и на дел од мерките насочени кон намалување на последиците од климатските промени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата