ПОЖАРИТЕ ЈА ПРОГОЛТУВААТ ЗАПАДНА ЕВРОПА

КАТАСТРОФАЛНИ ПОЖАРИ ЈА ПУСТОШАТ ШПАНИЈА И ФРАНЦИЈА - Евакуирани повеќе од 220.000 жители

Vecer | 25.07.2026

КАТАСТРОФАЛНИ ПОЖАРИ ЈА ПУСТОШАТ ШПАНИЈА И ФРАНЦИЈА - Евакуирани повеќе од 220.000 жители
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Западна Европа се соочува со вистински огнен пекол. Катастрофалните пожари што беснеат во Франција и Шпанија принудија повеќе од  220.000 луѓе да ги напуштат своите домови, додека пламените јазици продолжуваат неконтролирано да се шират, а властите предупредуваат дека ситуацијата е драматична.

„Со оглед на ширењето на пожарот и покрај големиот број ангажирани пожарникари и спасувачки екипи, ситуацијата налага да се обезбеди безбедноста на жителите во погодените подрачја“, изјави Софи Брока, челничка на департманот Жиронд во југозападна Франција.

Жителите на општините Сен Медар-ан-Жал (33.000 жители), Ле Ајан (11.400), Сен Жан д'Илак (9.600), Мартинјас-сур-Жал (8.000) и Сен Обен де Медок (7.800) беа принудени да ги напуштат своите домови, додека пожарите делумно ги зафатија и градовите Меринјак (78.000 жители) и Ејзин (24.800 жители).

Бројот на војници ангажирани како поддршка на пожарникарите ќе биде зголемен од 500 на 1.000 во департманите Жиронд и Ланд, соопшти во петокот вечерта францускиот премиер Себастијан Лекорну, по состанокот на владиното кризно тело.

Во овој дел од Франција, кој е една од најпопуларните туристички дестинации, пожарите досега принудија на евакуација 141.000 луѓе од средата навечер. Од нив, 110.000 се евакуирани во департманот Жиронд, а 31.000 во Ланд.

Популарниот француски полуостров Кап Фере, кој се наоѓа во близина на Бордо, е ставен под наредба за целосна евакуација, при што жителите и туристите се евакуираат и по копнен и по воден пат.

 Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез ја опиша ситуацијата како „целосно невидена“.

Во меѓувреме, во Шпанија околу 63.000 луѓе се евакуирани или им е наредено да останат во своите домови, соопшти Министерството за внатрешни работи. Меѓу нив се и 5.000 туристи, кои беа евакуирани од кампот Ел Ескоријал, северозападно од шпанската престолнина Мадрид.

Локалните власти велат дека ова е „најголемиот пожар во историјата“ на овој регион.

Повеќе од 1.200 постари лица и лица со попреченост беа евакуирани во петокот од домови за стари лица и установи за нега во регионот на Мадрид, соопштија локалните власти.

Во пожарите во петокот беше зафатена и една од трите локации на НАСА во Шпанија, а засега нема информации за евентуалната штета.

Регионалниот гувернер Франциско Мартин Агире изјави дека ситуацијата е „многу сложена“ поради силните ветрови и предупреди дека не може да се исклучи можноста за нови евакуации и воведување дополнителни безбедносни мерки.

Според надлежните служби, два од трите големи пожари, кои досега уништија околу 6.000 хектари западно од Мадрид, се споиле во еден голем огнен фронт.

 Досега не е регистриран ниту еден смртен случај ниту во Франција, ниту во Шпанија.

Двете земји го активираа Европскиот механизам за цивилна заштита и побараа дополнителна помош во форма на авиони за гаснење пожари, со цел да се стави под контрола огнената стихија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk