Една Австралијка е обвинета за обид за труење колешка со која наводно била во врска. Според полицијата на Западна Австралија, 43-годишната жена ставила гранули против полжави во јадењето со кари што го подготвила 58-годишната жртва. Инцидентот се случил во февруари, кога жртвата го донела ручекот на работа и го споделила со колегите, пренесува Би-би-си (BBC).
Откако заедно јаделе претпладнето, 58-годишната жена се вратила подоцна за да го дојаде остатокот од оброкот. Тогаш забележала светлозелени гранули во храната. Таа го вкусила јадењето и веднаш почувствувала вкочанетост на јазикот, поради што престанала да јаде.
Жената ја предала сомнителната храна на полицијата. Полицијата наведува дека обвинетата жена – чие име не е објавено – пред инцидентот отишла во просторијата за складирање хемикалии, а потоа се вратила во просторијата за вработени каде што се чувало карито.
Форензичката анализа утврдила дека гранулите пронајдени во храната содржеле металдехид, високотоксична супстанција што се користи во производите за уништување полжави.
По повеќемесечна истрага, поднесени се обвиненија против 43-годишната жена. Таа е обвинета за загрозување на животот, здравјето или безбедноста на друго лице и треба да се појави пред суд на 5 ноември.
Полицискиот комесар Кол Бланч изјави за новинарите дека металдехидот може да предизвика сериозни повреди, па дури и смрт. „Исклучително сме благодарни што лицето што го вкуси карито веднаш сфати дека нешто не е во ред“, рече Бланч, пренесува „Севен нетворк“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата