Петмина тинејџери загинаа, а четири лица се тешко повредени во страшна сообраќајна несреќа што се случи во неделата на автопат во Ирска, откако еден од автомобилите возел во спротивен правец.
Комесарот на ирската полиција, Џастин Кели, го опиша челниот содир меѓу двете возила на автопатот М9 како „ужасен“. Тој предупреди дека во некои случаи возилата намерно се движат во спротивна насока заради предизвици и „лајкови“ на социјалните мрежи, но во овој конкретен случај околностите се поинакви.
Според информациите од полицијата, дел од настраданите биле во роднинска врска, а во моментот на несреќата носеле фантомки или ги криеле лицата на друг начин. Загинатите биле поврзани со поголема криминална група позната на полицијата во регионот Карлоу-Килдер. Само неколку часа пред кобниот содир, до полицијата пристигнале пријави за група тинејџери кои се обидувале да провалат во куќи и возила во градот Ати, во округот Килдер.
Истражните органи сега ги испитуваат сите околности што му претходеле на содирот, како и евентуалната поврзаност меѓу пријавените провали и несреќата на М9.
Итните служби биле известени за возило кое на лентата наменета за сообраќај кон север, се движело во правец кон југ. Возилото директно се судрило со друг автомобил.
Портпаролот на полицијата потврди дека на местото на несреќата биле пронајдени телата на петмината млади момчиња кои биле патници во првото возило. Нивните тела се пренесени во Општата болница во Нас, каде што ќе се врши обдукција.
Во другото возило се превезувале три жени, две на триесетгодишна возраст и една на дваесетгодишна возраст ,како и едно малолетно машко дете. Сите тие се хоспитализирани со тешки телесни повреди.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата