Во американската сојузна држава Калифорнија во тек е гласањето на меѓуизбори, а за три недели гласачите ќе одлучуваат на референдум што би можел да влијае и врз остатокот од Соединетите Американски Држави: дали милијардерите треба да плаќаат данок на своето богатство?
Како што пренесува агенцијата АФП, предлогот предвидува оданочување на околу 200 милијардери во оваа сојузна држава со стапка од пет отсто од нивниот нето-имот. Собраните средства би биле наменети за финансирање на јавниот здравствен систем, од кој зависат половина од жителите на Калифорнија. Овој систем е под притисок поради значителните кратења на федералните средства воведени од американскиот претседател Доналд Трамп.
Поддржувачите на предлогот се надеваат дека тој ќе поттикне слични иницијативи и во други делови на САД, во време кога расте незадоволството поради продлабочувањето на нееднаквоста и вртоглавиот пораст на богатството кај технолошките милијардери, како што е Илон Маск.
„За нив тоа не значи многу, но за луѓето на кои им е потребна здравствена заштита, тоа значи сè“
Овој привремен данок е „само капка во морето“ во однос на нивното богатство, изјави за АФП Лорен Фирман, пензионирана графичка дизајнерка која користи „Медикер“ (Medicare) – здравствено осигурување за лица постари од 65 години. „За нив тоа не значи многу, но за луѓето на кои им е потребна здравствена заштита, тоа значи сè“, додаде таа.
Сепак, референдумот предизвикува загриженост во Силициумската долина. Меѓу противниците на предлогот, познат како „Предлог 40“ (Proposition 40), е и коосновачот на „Гугл“, Сергеј Брин, кој издвои повеќе од 205 милиони долари за кампањата против него.
Во телевизиските реклами противниците постојано предупредуваат дека привремениот данок би можел да стане траен, што би довело до иселување на најбогатите жители на Калифорнија и пад на даночните приходи на државата.
Идејата не е нова
„Постојат стравувања дека поединци, бизниси и други субјекти ќе почнат да сметаат на можноста ваква мерка повторно да се примени“, вели Кирк Старк, професор по даночно право на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес (UCLA). Покрај милијардерите, против предлогот се и други влијателни личности, меѓу кои и гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом.
Овој демократ, кој е на чело на државата повеќе од седум години и има претседателски амбиции за 2028 година, официјално повикува да се гласа против предлогот. А моќниот синдикат „Обединети работници во домаќинствата“ (United Domestic Workers), кој застапува 250.000 лица што работат во домаќинства и се грижат за деца, ги повика своите членови да гласаат против предлогот.
Синдикатот смета дека еднократниот данок наменет за здравствениот систем долгорочно нема да го покрие дефицитот од милијарди долари во буџетот на Калифорнија. Сепак, оваа идеја не е нова. Во последните 15 години Калифорнија веќе трипати се обиде, преку референдуми, да ги зголеми даноците за најбогатите, но сите предлози беа одбиени.
„Милијардерите плаќаат пониска даночна стапка од медицинските сестри“
Пред неколку месеци „Предлог 40“ (Proposition 40) уживаше широка поддршка, но анкетите покажуваат дека таа опаѓа како што се приближува денот на гласањето. Дебатата доби национални димензии. На почетокот на октомври социјалистот Берни Сандерс – поранешен кандидат за претседателска номинација од Демократската партија – го посети Лос Анџелес за да даде поддршка за овој данок.
„Иако овие милијардери го зголемија своето богатство повеќе од трипати во последните десет години, тие плаќаа ефективна даночна стапка што е пониска од онаа на еден водоводџија или медицинска сестра“, изјави Сандерс, една од водечките фигури на американската левица.
Доколку биде усвоена, оваа мерка би требало да донесе 100 милијарди долари даночни приходи, вели Брајан Гал, професор по право на Универзитетот во Калифорнија во Беркли, кој учествуваше во изготвувањето на предлогот.
„Тие и онака не плаќаат даноци. Ако си заминат, што губиме?“
Според неговите проценки, без тие средства домаќинствата во Калифорнија ќе мораат во текот на следните неколку години да издвојат во просек по 7.500 долари повеќе за здравствена заштита, што се должи на неодамнешните кратења на федералните средства за јавното здравство. Гал смета дека намалувањето на федералното финансирање од страна на администрацијата на Трамп особено ќе се почувствува во руралните средини, каде што жителите почесто зависат од јавна помош.
„Штом ќе се затвори болница во рурална средина, таа многу ретко повторно се отвора“, предупреди тој. Исходот од гласањето ќе биде познат на 3 ноември, кога завршуваат изборите на средината од мандатот (мидтерм изборите). Емануел Саез, уште еден од авторите на предлогот, се надева дека доколку Калифорнија го воведе првиот данок за милијардери во САД, „слични иницијативи ќе се појават и во другите сојузни држави“. Професорот по економија на Универзитетот во Калифорнија во Беркли признава дека некои милијардери можеби ќе размислат да ја напуштат Калифорнија доколку данокот се продолжи или стане траен. Но Тим Мофет, пензиониран здравствен работник, смета дека заканите за заминување поради даноците не се убедливи. „Тие и онака не плаќаат даноци“, вели 69-годишниот Американец. „Па, што тогаш имаме за губење?“, заклучи тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата