Огромен пожар избувна во едно од најважните американски чворишта за складирање и транспорт на гориво во Гленпул, во сојузната држава Оклахома, откако гром удри во резервоар на компанијата „Експлорер пајплајн“ (Explorer Pipeline). Два резервоари потоа експлодираа, а огнот зафати и трет.
Драмата започнала околу 8:30 часот наутро по локално време. Над постројката се издигнал огромен столб од густ црн чад, а на снимките од местото на настанот се гледа моментот кога пламенот избива од комплексот и делови од конструкцијата летаат низ воздухот. Во резервоарите што се запалиле имало природен бензин — течно гориво што се користи во производството на бензин и други нафтени деривати. Според последните информации од локалните власти, нема повредени.
Евакуирани луѓе, затворени училишта
Полицијата веднаш ги затворила околните улици, додека на жителите и вработените во блиските објекти им била препорачана евакуација. Училиштата во Гленпул биле ставени во режим на засолнување на учениците и персоналот внатре во објектите сè додека не помине опасноста.
На терен во текот на денот се наоѓале околу 50 припадници на противпожарните и другите итни служби. Пожарникарите успеале да изгаснат еден од зафатените резервоари, додека вториот продолжил да тлее, а според последниот локален извештај, еден резервоар сè уште горел. Посебно внимание било насочено кон ладење на околните танкери за да не се прошири пожарот низ комплексот.
Од „Експлорер пајплајн“ соопштија дека пожарот бил предизвикан од удар на гром и дека постројката е обезбедена, додека дополнителни специјализирани екипи биле испратени во Гленпул.
Низ овој систем минуваат огромни количини гориво
Размерите на инцидентот посебно загрижуваат поради значењето на самиот објект. Складиштето во Гленпул може да прими околу 3,4 милиони барели гориво во повеќе од 30 резервоари и претставува едно од клучните чворишта на системот на „Експлорер пајплајн“.
„Експлорер“ е една од најважните мрежи за транспорт на нафтени деривати во САД. Системот се простира на повеќе од 2.900 километри и ги поврзува рафинериите на американскиот брег на Мексиканскиот Залив со пазарите во средниот дел на земјата и подрачјето кон Чикаго.
Јужниот дел од системот може да транспортира околу 660.000 барели дневно, додека капацитетот на северниот дел достигнува приближно 450.000 барели дневно. Низ него се превезуваат бензин, дизел, авионско гориво и други деривати.
По избувнувањето на пожарот е обоставена работата на „Експлорер“ во Гленпул и на одделни поврзани постројки, поради што се отвора прашањето за можни краткорочни прекини и нарушувања во снабдувањето со гориво.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата