Најголемиот систем на јавни училишта во САД, оној во градот Њујорк, од оваа учебна година ја забранува употребата на генеративна вештачка интелигенција, односно алатки како Чет џи-пи-ти кои можат да создаваат текст, слики и други содржини. Одлуката се однесува на повеќе од половина милион ученици од предучилишна возраст до осмо одделение и наставници, а стапува на сила со почетокот на наставата следната недела, пишува „Еј-би-си њуз“ (ABC News).
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, потврди дека градот за тие ученици воведува привремена едногодишна забрана за користење генеративна вештачка интелигенција. Тој најави дека следната година ќе се искористи за „проучување на влијанието на оваа технологија“.
Според дополнителните информации што ги објави „Чокбит“ (Chalkbeat), забраната опфаќа речиси 600.000 ученици, односно околу две третини од учениците во јавните училишта во Њујорк. Учениците до осмо одделение нема да имаат пристап до алатките на генеративната вештачка интелигенција, меѓу кои се чет-ботовите и АИ-алатките за подучување.
Други ограничувања
Новите правила не се однесуваат само на вештачката интелигенција. На училиштата ќе им биде забрането на учениците од предучилишна возраст до второ одделение да им даваат таблети, лаптопи и други уреди за самостојно користење, иако во училниците и понатаму ќе бидат дозволени паметните табли.
За учениците од трето до петто одделение се препорачува на таблетите, лаптопите и другите уреди што ги користат самостојно да поминуваат најмногу 30 минути, додека за учениците од средните училишта тоа време би требало да биде ограничено на 45 минути.
Предвидени се одредени исклучоци, на пример за редовните тестирања по читање и математика што се спроведуваат на компјутери, како и за некои ученици на кои им е потребна дополнителна поддршка, вклучувајќи ги учениците кои го учат англискиот јазик како втор јазик и учениците со попреченост.
За средношколците нема да важи целосна забрана. Нивниот пристап до вештачката интелигенција ќе биде ограничен, но користењето на вештачката интелигенција би можело да биде дозволено во одделни програми, меѓу другото во програмите за описменување, подготовка за професии и стекнување стручни сертификати, како и во некои проекти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата