logo
logo
logo

Прекинат авиосообраќајот во Катанија поради ерупцијата на Етна

Vecer | 14.08.2026

Прекинат авиосообраќајот во Катанија поради ерупцијата на Етна

Летовите од аеродромот во Катанија на Сицилија ќе бидат прекинати до сабота попладне поради вулкански пепел од активноста на Етна, поради што во текот на претходната недела беа откажани или пренасочени повеќе стотици летови, соопшти аеродромскиот оператор САК (SAC).

Според претходната одлука, летовите од аеродромот во Катанија требаше да бидат суспендирани до петок во 2 часот наутро.

Сите пристигнувања и заминувања на овој аеродром, петтиот најпрометен во Италија според бројот на патници, ќе бидат прекинати до 14 часот на 15 август, односно до 12 часот по средноевропско време, се наведува во соопштението на САК, пренесува Ројтерс.

Продолжениот прекин на сообраќајот се случува во екот на летната туристичка сезона и погоди илјадници патници, додека дополнително ги оптовари останатите сицилијански аеродроми.

Според извори од САК кои ги пренесува италијанската новинска агенција АНСА, актуелните нарушувања претставуваат најтежок случај што го погодил аеродромот во Катанија во најмалку две децении.

Од 6 до 12 август беа откажани повеќе од една третина од вкупно 1.974 планирани летови од Катанија, додека околу 630 летови беа пренасочени кон други аеродроми.

Етна, најактивниот вулкан во Европа, често предизвикува проблеми во авиосообраќајот во Катанија. Вулканскиот пепел ги покрива пистите и околните површини, а може да навлезе и во моторите на авионите и да предизвика сериозни проблеми за време на летот.

Активноста на Етна ја погоди и Малта, јужно од Сицилија, каде што летовите исто така беа откажани поради облакот од пепел.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk