Бројот на загинати во рускиот напад врз пункт за поделба на хуманитарна помош во украинската област Запорожје се искачи на 53. Новиот биланс во петокот го соопшти вршителот на должноста регионален гувернер, додека потрагата по настрадани продолжува веќе петти ден.
Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините на подземното засолниште во училиште во селото Комишуваха, кое било користено како пункт за хуманитарна помош. Украинската служба за вонредни состојби претходно извести за 50 загинати, но предупреди дека потрагата продолжува и покрај тешките услови и опасноста од нови руски воздушни напади.
Руските сили во понеделникот наутро извршиле повеќе воздушни напади врз селото. Првата бомба погодила училишна зграда во која се собрале локални жители за да подигнат хуманитарна помош. Според претходните информации, меѓу употребените средства била и бомбата ФАБ-3000, тешка три тони, со повеќе од 1.000 килограми експлозив.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека по првичното бомбардирање руските сили фрлиле уште девет воздушни бомби врз засолништето во кое цивилите се обидувале да најдат заштита. Тој го оцени нападот како исклучително страшен и порача дека руските сили знаеле дека жителите секоја недела таму добиваат хуманитарна помош.
Меѓу загинатите се и двајца 44-годишни спасувачи, Денис Коноваленко и Олексиј Сушчевски, како и 53-годишниот воен болничар Олександр Заријашчук.
Според украинските служби, спасувачите и полицајците пристигнале на местото на првиот напад, но поради опасност од ново бомбардирање морале да се засолнат. Руските сили потоа повторно го нападнале истото подрачје.
Воениот болничар Заријашчук се наоѓал во близина за време на првиот напад и веднаш се упатил да им помогне на повредените. Неговата ќерка подоцна раскажала дека на снимка направена непосредно пред вториот напад го видела својот татко како со други луѓе се спушта во засолништето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата