logo
logo
logo

ФОТО + ВИДЕО | ПОЖАРОТ ГО ГОЛТА АЈФЕЛ - 2.000 жители во бегство од огнената стихија

Vecer | 14.08.2026

ФОТО + ВИДЕО | ПОЖАРОТ ГО ГОЛТА АЈФЕЛ - 2.000 жители во бегство од огнената стихија

Околу 2.000 жители беа евакуирани поради големиот шумски пожар што од вчера се шири во регионот Ајфел, во германскиот округ Дирен. Населбата Геј, која е дел од општината Хиртгенвалд во западниот дел на покраината Северна Рајна-Вестфалија, беше превентивно испразнета во текот на ноќта, а евакуацијата во меѓувреме е завршена. За жителите првично било обезбедено прифатилиште во основно училиште, но поради зголемената загаденост на воздухот од пепел, тие биле префрлени во друго училиште. Хиртгенвалд има нешто помалку од 9.000 жители.

Евакуиран бил и дом за стари лица. Дополнително, бил свикан и кризниот штаб на округот Дирен, изјави портпаролката за германската агенција ДПА. Кризниот штаб ќе ја разгледа актуелната состојба и натамошните чекори.

300 хектари во пламен

Од четврток попладне (13.08) пожарот се проширил на површина од околу 300 хектари. Властите зборуваат за „пожар надвор од контрола“ и за „состојба на голема катастрофа“, меѓу другото и затоа што во текот на ноќта не можеле да се користат противпожарни авиони, јави ВДР. Апликацијата за предупредување Нина исто така го активираше највисокото ниво на тревога – „екстремна опасност“.

Како што за ВДР изјави градоначалникот на Хиртгенвалд, Штефан Кранен, во четвртокот избувнале три пожари во регионот, од кои еден продолжил да се шири во текот на ноќта. Особено загрижувачко е тоа што огнот се движи и кон стар склад за муниција во Дирен. ВДР известува дека во шумската област постојано се појавуваат пламени предизвикани од експлозии на муниција која сè уште се наоѓа во земјата.

Во опасност е и друго населено место

Во меѓувреме, огнот се доближил на околу 300 метри до населеното место. Поради тоа, пожарникарите во текот на ноќта одлучиле да ја спроведат евакуацијата.

Во моментов на терен работат околу 300 пожарникари, како и припадници на германската армија и организации за помош, меѓу кои Техничката служба за помош (ТХВ), Германскиот Црвен крст и Малтешката служба за помош. И приватни лица носат вода за гаснење. Се прават влажни противпожарни појаси со цел да се спречи понатамошното ширење на огнот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk