Поранешниот ирански претседател Махмуд Ахмадинеџад е ставен во домашен притвор од страна на разузнавачкото крило на Исламската револуционерна гарда, откако иранските власти открија голем дел од неговите контакти со Израел, пренесува „Jerusalem Post“.
Со години Израел спроведувал тајна операција со цел да го регрутира Ахмадинеџад како разузнавачки соработник, а во подоцнежна фаза дури и планирал да го постави за лидер на Иран по евентуалното соборување на режимот, се вели во опсежната истрага на „Њујорк тајмс“.

Според извештајот, една од понеобичните фази на операцијата се случила на почетокот на 2024 година, кога висок унгарски владин функционер побарал од Гергели Дели, ректор на Универзитетот за јавни услуги „Лудовика“ во Будимпешта, да го покани Ахмадинеџад на конференција за климатски промени.
На Дели му било кажано дека конференцијата всушност ќе послужи како параван за тајни разговори меѓу Ахмадинеџад и израелски разузнавачи. И покрај загриженоста за потенцијална штета врз неговата сопствена репутација и онаа на универзитетот, тој се согласил да го покани Ахмадинеџад бидејќи верувал дека „ако имате двајца непријатели и тие сакаат да разговараат, тогаш најдобро е да направите сè што можете за да ги натерате да зборуваат“.
Поранешни американски функционери изјавија дека тогашниот шеф на Мосад, Давид Барнеа, лично отпатувал во Будимпешта за да се сретне со Ахмадинеџад.
Израел му исплаќал пари на Ахмадинеџад
Во годините што следувале, Израел извршил неколку тајни исплати на Али Акбар Џаванфекр, портпарол на Ахмадинеџад, а израелски агенти се сретнале со него уште неколку пати пред почетокот на операцијата „Рев на лавот“ (Operation Roaring Lion).
Во февруари, како што пренесува „Њујорк тајмс“, комплексот куќи на Ахмадинеџад бил погоден од израелски воздушен напад насочен кон неговите телохранители и оклопниот автомобил, по што тој бил подигнат од оперативци на Мосад и однесен во тајно засолниште. Тој на крајот го напуштил засолништето од нејасни причини и не беше виден во јавноста сè до неговото појавување на погребот на поранешниот врховен водач Али Хамнеи.
Според високи ирански функционери, тој сега е приведен од разузнавачкото крило на Исламската револуционерна гарда и ставен под домашен притвор. Официјални лица на Мосад и портпаролот на Ахмадинеџад, Џаванфекр, одбија да коментираат за „Њујорк тајмс“.
Ахмадинеџад бил мотивиран од моќ, а не од пари
Според Абдолреза Давари, поранешен советник и близок соработник на Ахмадинеџад, поранешниот претседател не би соработувал со Израел за пари.
„Тој има пари, има широка економска мрежа. Тој би го направил тоа за моќ. Сака да биде на чело на власта“, изјави Давари за „Њујорк тајмс“ во телефонско интервју.
Друг соработник изјави дека Ахмадинеџад зборувал за своите амбиции да стане нов владетел на Иран со помош на странски сили и бил загрижен дека евентуална војна би ги натерала САД и Израел да изберат друга фигура која би донела дестабилизација.
Откако трипати беше дисквалификуван од претседателската трка во Иран, додаде соработникот, Ахмадинеџад изгубил доверба во иранскиот систем. Тој исто така изразил фрустрација и огорченост кон членовите на иранскиот режим, како што е Хамнеи. Неговиот соработник изјави за „Њујорк тајмс“ дека Ахмадинеџад во минатото тврдел оти, доколку се врати на власт, ќе ги нормализира односите со Израел преку Авраамскиот договор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата