Турските власти спроведоа масовна полициска акција во 15 провинции во рамките на операцијата наречена „Моето семејство е безбедно“, во која се уапсени најмалку 162 лица. Акцијата опфати рации и претреси во просториите на шест здруженија за заштита на правата на ЛГБТ лицата, како и во бројни геј барови, ноќни клубови и локални објекти, со официјално образложение дека е насочена кон сузбивање на проституцијата, нелегалните активности и заштита на „заедничките морални вредности“, пренесува Ал Џезира.
Министерот за правда Акин Гурлек изјави дека државата има уставна обврска да ги штити семејствата и децата, нагласувајќи дека нема да се толерираат мрежи кои шират несоодветни содржини. За време на претресите, полицијата запленила наркотици, алкохол, електронска опрема и оружје, додека тужителите отворија постапки против 162 осомничени, девет здруженија и 13 претпријатија, блокирајќи притоа бројни веб-сајтови и профили на социјалните мрежи.
Остро реагираа здруженијата за човекови права и ЛГБТ организациите, меѓу кои и „Каос ГЛ“, кои ја осудија операцијата како класична државна дискриминација, ширење политика на страв и намерно уништување на цивилното општество. Од здружението нагласија дека вистинската цел на операцијата нема допирни точки со нејзиното име, туку претставува директен удар врз слободите на граѓаните.
Оваа безбедносна кампања доаѓа во чувствителен политички момент кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган активно ја промовира иницијативата „Деценија на семејството и населението“, насочена кон борба против падот на наталитетот и стареењето на турското општество. Сепак, социолозите и економските аналитичари предупредуваат дека намалувањето на наталитетот во земјата има подлабоки структурирани корени кои се резултат на долготрајната финансиска криза, високата инфлација, скапите недвижности и тешките економски услови со кои се соочуваат младите семејства, а не на одредени социјални групи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата