Телото на жената осомничена за убиството на украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев во Монако е пронајдено во близина на Киев, објави „Украинска правда“, повикувајќи се на извори во органите на родот.
„На 6 јули, телото на жената осомничена за обид за убиство на санкционираниот бизнисмен Вадим Јермолаев беше пронајдено во близина на Киев“, пренесува „Украинска правда“.
Според информациите добиени од изворите, телото на жената, која била застрелана, е пронајдено во понеделникот околу 23 часот.
Наведено е дека таа престојувала надвор од Украина од 22 март 2025 година до 1 јули 2026 година.
Интерпол распиша црвена потерница по Анастасија Березовска (39), државјанка на Украина, која е означена како главна осомничена за експлозијата во Монако во која на 29 јуни навечер беше ранет украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев. Спрема наводите на властите во Монако, осомничената за време на извршувањето на нападот наводно била прерушена во маж, пренесе „CNN“.
Во потерницата на Интерпол се наведува дека нејзиното последно познато престојувалиште било во Германија, како и дека на десната рака, од рамото до лактот, има карактеристична тетоважа за која се верува дека прикажува змија.
Истражителите наведуваат дека по експлозијата таа побегнала од Монако во Франција, а потоа го продолжила патот кон Италија со возило со германски регистарски таблички кое, според наводите на обвинителството, било изнајмено за потребите на операцијата.
Обвинителството соопшти дека сложеноста на користената експлозивна направа укажува на можноста во нападот да учествувале повеќе лица. Во текот на истрагата во Монако привремено беа уапсени двајца мажи, но подоцна беа пуштени поради недостиг на докази.
Како што беше претходно соопштено, властите во Монако се сомневаат дека Березовска била видена во Германија, соопшти правосуден извор.
Според извори од истрагата, осомничената била снимена од сигурносните камери како носи темна облека и шапка. Првично, истражителите сметале дека станува збор за маж. Нападот се случил пред станбена зграда во Монако, а жртвите биле повредени во приземјето на објектот.
Германската полиција претресла стан во сојузната покраина Хесен во рамките на истрагата против 39-годишната државјанка на Украина, по која е распишана меѓународна потерница во врска со експлозијата во Монако, пренесува „Шпигел“.
Според соопштението на германските и француските истражни органи, претресот бил спроведен во округот Мајн-Таунус, каде што, освен станот, биле пребарани и одземени предмети од возилото што го користела осомничената, а доказите биле проследени до властите во Монако.
Се верува дека не дејствувала сама
Според информациите на Интерпол, жената во 2022 година влегла во Германија како воена бегалка, а подоцна престојувала во сојузната покраина Хесен.
Германските власти наведуваат дека осомничената од претходно не ѝ била позната на полицијата.
Истражителите веруваат сека таа во инцидентот не дејствувала сама, а во рамките на истрагата претходно беа уапсени и двајца мажи, кои подоцна беа пуштени на слобода.
Мотивот за нападот засега не е познат, а германскиот весник наведува, повикувајќи се на безбедносни извори, дека во моментов како можни мотиви се разгледуваат и поврзаност со организиран криминал и приватни причини, додека засега нема докази за вмешаност на разузнавачки агенции.
Во неодамнешните соопштенија од Монако беше објавено дека верзијата за терористички напад се исклучува. Наместо тоа, Канцеларијата на главниот обвинител на кнежевството покрена истрага за обид за убиство и поставување експлозивна направа на јавно место.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата