Италија и уште шест земји членки на ЕУ се спротивставија на предлогот на Франција, Германија и земјите од Бенелукс за воведување нови и порестриктивни правни механизми во пристапните договори за идните членки, објави „Еурактив“.
Во дипломатски документ што во јуни го дистрибуираа Франција, Германија, Холандија, Белгија и Луксембург, се предлага воспоставување дополнителни гаранции за новите земји членки, особено во областа на владеењето на правото, како и воведување привремени и преодни ограничувања на правото на глас.
Според „Еурактив“, на овој предлог се спротивставиле Италија, Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Словачка и Словенија, обединети во групата позната како „Пријатели на Западен Балкан“.
Во документот овие земји го отфрлаат „секој пристап што би можел да создаде перцепција за кандидатури или членство од втор ред“ и повикуваат на „еднаква примена на преговарачките процедури за сите кандидати, без забрзани постапки или паралелни процеси“.
„Треба да се избегнуваат нови барања, политички предуслови или дополнителни институционални чекори, бидејќи тие би ги обесхрабриле кандидатите и би го ослабнале влијанието на Унијата во нејзиното соседство“, се наведува во документот, пренесен од „Еурактив“.
Групата земји наведува дека заштитните механизми треба да постојат само доколку се „засновани на објективни потреби, пропорционални, правно издржани и усогласени со целокупната институционална архитектура на Унијата“.
„Рамката за заштитни механизми треба да се заснова на каталог на инструменти што ќе се потпираат на искуствата од претходните проширувања и ќе бидат ажурирани во согласност со актуелните предизвици, со флексибилност за прилагодување кон специфичните околности на секоја земја кандидат“, се наведува во документот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата