Силна ерупција на вулканот Фуего во Гватемала предизвика евакуација на најмалку 1.700 жители од населените места во близина на кратерот. Властите прогласија највисок степен на тревога во регионите загрозени од вулканската пепел, додека службите се подготвуваат за можни нови опасности.
Вулканот, кој се смета за еден од најактивните во Централна Америка, исфрла големи количества пепел и лава, поради што илјадници жители се предупредени да преземат мерки за заштита. Надлежните служби апелираат населението да ги следи упатствата и, доколку биде потребно, веднаш да ги напушти загрозените подрачја.
Фуего, што на шпански јазик значи „оган“, се смета за најактивниот вулкан во Централна Америка. Се наоѓа во близина на главниот град на Гватемала и во понеделникот наутро влезе во еруптивна фаза. Неговата активност се засили во текот на ноќта меѓу понеделникот и вторникот, при што реки од лава почнаа да се слеваат по неговите падини, додека огромни столбови од гас и пепел се издигнуваа високо во небото.
„Вулканот поминува низ една од најкритичните експлозивни фази, исфрлајќи реки од кал, вжештени карпи, гас и пепел“, изјави Едвин Рохас, директор на Институтот за вулканологија „Инсивумех“.
Најсмртоносната ерупција на овој вулкан се случила во 1902 година, кога околу 30.000 луѓе го загубиле животот за само неколку минути.
Националната агенција за координација на помошта при катастрофи (CONRED) започна евакуација на селата во близина на вулканот во понеделникот вечерта и издаде портокалово предупредување на национално ниво.
Црвена тревога во регион со 1,6 милиони жители
Во вторникот, агенцијата го подигна степенот на тревога на црвено ниво за регионите Сакатепекес, Чималтенанго и Ескуинтла, во кои живеат околу 1,6 милиони луѓе.
Според изјавата на извршната секретарка на CONRED, Клаудина Огалдес, околу 29.000 жители се директно изложени на вулканската пепел, поради што таа ги повика жителите од околните села да носат заштитни маски и да ги покријат резервите со вода и храна.
Според податоците на CONRED, досега се евакуирани повеќе од 1.700 луѓе.
Жителот Алехандро Гарсија бил евакуиран во понеделникот вечерта, откако било издадено предупредувањето. „Истрчавме надвор, преплашени“, изјавил тој за агенцијата AFP, додавајќи дека видел како лавата се спушта по падините на вулканот.
Министерството за образование го суспендираше одржувањето на настава со физичко присуство во училиштата во три блиски градови.
Според експертите од Инситумех (Insivumeh), во понеделникот над кратерот се формирала фонтана од лава висока меѓу 200 и 300 метри, додека столбот од пепел достигнал височина од над 7.000 метри.
Пепелта, која се шири на височина меѓу 5.000 и 6.000 метри, патува на далечина до 130 километри кон запад.
Гватемала се наоѓа на пацифичкиот „Огнен прстен“, област позната по силната сеизмичка и вулканска активност.
Во 2018 година, 215 луѓе загинаа, а околу 200 се водат како исчезнати откако вулканските лавини ги уништија селата на падините на овој огромен вулкан, висок 3.763 метри.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата