НОРВЕШКА ГО КОЧИ РАЗВОЈОТ НА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА: Запрено поврзувањето на нови центри за податоци

Vecer | 09.11.2026

НОРВЕШКА ГО КОЧИ РАЗВОЈОТ НА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА: Запрено поврзувањето на нови центри за податоци
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Норвешкиот мрежен оператор „Статнет“ ја суспендираше обработката на барањата за поврзување на нови центри за податоци со електричната мрежа. Одлуката е донесена во исчекување на владиниот систем на дозволи што треба да ја ограничи брзата експанзија на инфраструктурата за вештачка интелигенција и нејзината голема потрошувачка на енергија.

Иако Норвешка произведува повеќе електрична енергија отколку што троши и го извезува вишокот, се очекува дека бранот на потрошувачка од центрите за податоци во наредните години би можел да ги надмине достапните капацитети и да доведе до поскапување на струјата. Суспензијата е привремена сè додека владата не воспостави систем за лиценцирање.

Од „Статнет“ нагласија дека ова не значи целосна забрана. „Сакаме подобро да го контролираме проширувањето на центрите за податоци и да се осигураме дека ќе се градат само оние што навистина ни се потребни“, изјави министерот за дигитализација и јавна администрација Торгеир Микаелсен.

Можеби ќе се бара центрите сами да градат електрани

Центрите за податоци што ги задоволуваат потребите на одбраната, полицијата, службите за итни случаи, здравството и другата критична инфраструктура ќе имаат приоритет при издавањето дозволи. Глобалните компании за управување со податоци и за изнајмување компјутерски капацитети, како и фирмите за криптовалути, ќе имаат ограничен пристап до земјиште и струја, рече Микаелсен.

Министерот за енергетика Терје Асланд изјави дека од почетокот на годината „Статнет“ добил барања за поврзување на нови капацитети со вкупна моќност од 26.000 мегавати, што го надминува моменталниот производствен капацитет на Норвешка. Дури 75 проценти од барањата се однесуваат на центри за податоци.

Владата објави и дека новите центри ќе мора да ги сносат трошоците што ги генерираат за мрежата, а можеби ќе бидат обврзани да изградат и сопствени електрани на гас со технологија за зафаќање и складирање на јаглерод.

И Португалија се справува со истиот проблем

Норвешкиот регулатор за енергија предупреди во октомври за зголемениот ризик од недостиг на електрична енергија. Од „Статнет“ истакнаа дека центрите за податоци имаат значајни флуктуации во потрошувачката и се почувствителни на прекини во снабдувањето во споредба со традиционалните индустриски потрошувачи.

Норвешкиот орган за водни ресурси и енергија (NVE) проценува дека потрошувачката на струја од овие центри би можела да скокне од сегашните 3–4 терават-часови годишно на дури 25 терават-часови до 2035 година.

Португалија минатата недела исто така објави дека центрите за податоци ќе мора да користат исклучително обновливи извори на енергија и технологии за ладење што не трошат вода за пиење, изјави министерката за животна средина Марија да Граса Карваљо.

Финска отвори истрага против „Гугл“

Финската полиција неодамна започна истрага за да утврди дали подружницата на „Гугл“, Tuike Finland, ги прекршила еколошките прописи за време на подготвителните работи за новиот центар за податоци во близина на градот Мухош.

Властите му наредија на „Гугл“ да ги прекине работите на локациите во Мухош и Кајани-Отанмаки поради можно негативно влијание врз животната средина и неправилности со одводнувањето.

Големите центри за податоци можат да потрошат и до 20 милиони литри вода дневно — колку што троши еден град од 10.000 до 50.000 жители, според истражувањето на Американскиот институт за истражување на животната средина и енергијата (EESI).

Граѓаните се загрижени за животната средина

Новите центри за податоци се сè поголеми и примарно фокусирани на вештачката интелигенција, со што дополнително ја зголемуваат потрошувачката на ресурси и емисијата на штетни гасови. Анкетата на „Галуп“ спроведена во мај покажа дека повеќе од две третини од Американците се спротивставуваат на изградбата на вакви центри во нивна близина.

Главната загриженост е високата потрошувачка на вода и електрична енергија, како и загадувањето на воздухот и бучавата. Од друга страна, поддржувачите (околу две третини) сметаат дека центрите носат економски придобивки и нови работни места.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk