logo
logo
logo

ХИРОШИМА ПО 81 ГОДИНА: Повици за разоружување во време на нови глобални тензии

Vecer | 06.08.2026

ХИРОШИМА ПО 81 ГОДИНА: Повици за разоружување во време на нови глобални тензии

Хирошима денеска ја одбележува 81-годишнината од американското атомско бомбардирање со повик до светските лидери да работат на целосно укинување на нуклеарното оружје, со предупредување дека растечките меѓународни тензии го зголемуваат ризикот од нова нуклеарна катастрофа.

Градоначалникот на Хирошима, Казуми Мацуи, во Декларацијата за мир порача дека омаловажувањето на последиците од нуклеарното оружје и прифаќањето на силата како средство за остварување на политичките цели може да доведе до нов циклус на насилство и трагедија како онаа во Хирошима или Нагасаки, пренесе Кјодо.

Мацуи ги повика политичките лидери да ги препознаат разурнувачките последици од секоја употреба на нуклеарно оружје и да покажат лидерство во остварувањето на нуклеарното разоружување преку меѓународна соработка.

Во Јапонија на комеморацијата во 8:15 часот со минута молк беше оддадена почит, точно во времето кога на 6 август 1945 година американскиот бомбардер „Енола Геј“ ја фрли атомската бомба врз Хирошима. Се проценува дека до крајот на таа година од последиците на бомбардирањето загинале околу 140.000 луѓе.

Во Јапонија истовремено се води расправа за можно преиспитување на долгогодишната политика која подразбира дека земјата не произведува, не поседува ниту дозволува распоредување на нуклеарно оружје на својата територија.

Јапонската премиерка Санае Такаичи порача дека Јапонија останува приврзана на тие принципи и дека, како единствена држава што претрпела нуклеарен напад во војна, има посебна одговорност да ја продолжи борбата за свет без нуклеарно оружје.

Мацуи оцени дека неуспехот на конференцијата за Договорот за непреносување на нуклеарно оружје е последица на тоа што политичките лидери ја префрлаат одговорноста на други, со што, како што рече, ги поткопуваат темелите на глобалниот мир и стабилност.

Такаичи истакна дека, и покрај тешкотиите, напорите кон нуклеарното разоружување не смеат да запрат.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во пораката прочитана на церемонијата предупреди дека меѓународните механизми што со децении спречуваа нуклеарна катастрофа се под сè поголем притисок и ги повика државите да изберат дијалог, соработка и заедничка безбедност наместо конфронтација.

Градоначалникот на Хирошима апелираше и до помладите генерации да го прифатат продолжувањето на борбата за укинување на нуклеарното оружје како заедничка одговорност и ја повика јапонската влада да учествува како набљудувач на ноемвриската конференција за Договорот за забрана на нуклеарното оружје.

Јапонија не се приклучи кон тој договор поради потпирањето врз американскиот нуклеарен чадор.

Три дена по бомбардирањето на Хирошима, атомска бомба беше фрлена и врз Нагасаки, а Јапонија капитулираше шест дена подоцна, со што заврши Втората светска војна.

Според податоците на градот Хирошима, просечната возраст на официјално признатите преживеани од атомските бомбардирања, познати како хибакуша, денес надминува 86 години.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk