Индустриите за обработка на метали и електротехника во Германија се соочуваат со тешки преговори за колективен договор. Работодавачите се особено загрижени поради лошите деловни услови и потенцијалната потреба за намалување на бројот на вработени, пренесува Германската новинска агенција (dpa).
Непосредно пред втората рунда преговори за колективен договор, анкета спроведена од здружението на работодавачи „Гезамтметал“ (Gesamtmetall) покажа дека 39 отсто од компаниите ја оценуваат својата моментална деловна состојба како лоша, додека 40 отсто ја сметаат за задоволителна.
Околу 21 отсто од компаниите очекуваат нивната деловна состојба дополнително да се влоши во текот на следните шест месеци, а 42 отсто предвидуваат дека во тој период ќе мора да го намалат бројот на вработени.
Синдикатот „ИГ Метал“ (IG Metall) бара зголемување на платите за пет отсто за повеќе од 3,7 милиони работници вработени во германските индустрии за обработка на метали и електротехника.
Првата рунда регионални преговори, одржана на почетокот на октомври, заврши без договор, а продолжувањето на разговорите е закажано за следната недела.
Периодот во кој се забранети индустриски акции (штрајкови) истекува на 31 октомври, по што би можеле да следат краткорочни „штрајкови за предупредување“.
Оливер Зандер, извршен директор на здружението „Гезамтметал“, предупреди дека добрите резултати во одредени сектори – како што се одбранбената индустрија и медицинската технологија – не мора да значат закрепнување на индустријата во целина. „Само затоа што се нарачани илјадници тенкови или парчиња воена опрема, тоа не значи дека германските индустрии за обработка на метали и електротехника, како целина, ќе забележат зголемување на производството“, истакна Зандер.
Според него, одбранбената индустрија вработува околу 200.000 луѓе, додека целиот сектор брои 3,7 милиони вработени.
Преместувањето на производството во странство претставува дополнителен проблем. Зандер нагласи дека домашните нарачки не мора да подразбираат производство во рамките на Германија, бидејќи компаниите можат да остварат повисоки профитни маржи во земји со поповолни деловни услови и пониски трошоци за работна сила.
Анкетата била спроведена во периодот од 7 до 16 октомври и опфатила 1.461 компанија со приближно 800.000 вработени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата