Граѓаните на Бразил денеска гласаат во вториот круг од претседателските избори, на кои за шеф на државата се натпреваруваат актуелниот претседател, левичарот Луис Инасио Лула да Силва (80), кој се бори за четврти, без последователен мандат, и десничарскиот сенатор Флавио Болсонаро (45), син на поранешниот претседател Жаир Болсонаро.
Флавио Болсонаро постигна најдобар резултат во првиот круг од изборите, одржан на 4 октомври, што претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го оцени како „многу голема“ победа, јави Би-би-си.
Поддржувачите на Флавио Болсонаро на последните предизборни митинзи изразија уверување дека тој ќе донесе промени во Бразил, ветувајќи тешка борба против организираниот криминал, како и намалување на даноците и јавната потрошувачка.
Во пресрет на изборниот молк, Болсонаро одржа митинг во Бело Хоризонте, главниот град на сојузната држава Минас Жераис, кој се смета за важен за претседателските кандидати од 1980-тите.
„Речиси дојде време. Остануваат само неколку часа пред да ја обликуваме иднината на нашата нација во следните 30 или 40 години“, рече Болсонаро во видеото објавено на социјалните мрежи.
Тој, исто така, вети дека ќе го ослободи својот татко, кој беше осуден на 27 години затвор за заговор за државен удар по поразот од Лула на изборите во 2022 година.
На големиот митинг на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро во саботата, Лула рече дека изборите се за „суверенитет“ и дека граѓаните ќе избираат помеѓу кандидатот кој го бакнува бразилското знаме и оној што го бакнува американското знаме.
Администрацијата на Лула ги обвини САД за мешање во изборите во Бразил, тврдење кое Вашингтон го отфрли како „неосновано“.
Ќе победиме на изборите од една едноставна причина: вистина е дека народот сака промени, но сака да оди напред, а не назад“, рече Лула.
Лула и неговата Работничка партија ги претставија изборите како „битка за демократија“, тврдејќи дека пресудата против Жаир Болсонаро за заговор за државен удар покажува дека болсонарското движење претставува закана за демократските институции на Бразил.
Тој инсистираше на тоа дека Бразил „не се вклопува во ничиј двор“, што се толкува како одговор на таканаречената „Донерска доктрина“ на Трамп, стратегијата за национална безбедност на неговата администрација според која доминацијата на САД на западната хемисфера не треба да се оспорува.
Спротивно на тоа, Болсонаро тврди дека соработката со Вашингтон во борбата против моќните криминални групи, кои имаат големо влијание во одредени делови на Бразил, ќе и овозможи на државата да го врати суверенитетот над териториите контролирани од бандите.
Во првиот круг од претседателските избори, одржан на 4 октомври, Болсонаро освои 47,03 отсто, а Лула 45,16 отсто од гласовите, што значеше дека се кандидираа за вториот круг на изборите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата