Руското Министерство за надворешни работи објави дека претставници на 55 земји го потврдиле своето пристигнување во Русија за да ги набљудуваат септемвриските избори за Државната дума.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на прес-конференција во Москва изјави дека покани за набљудување на изборите се испратени до 12 меѓународни организации и повеќе од 100 земји.
„До денес, 20 август, претставници на 55 од нив веќе ја потврдија својата подготвеност да дојдат во Русија“, рече Захарова.
Според неа, претставници на Заедницата на независни држави, Шангајската организација за соработка, БРИКС и АСЕАН го потврдија своето пристигнување, како и претставници на земји од Африка, Блискиот Исток и Латинска Америка.
Захарова изјави дека првата акредитација за меѓународен набљудувач му е предадена на 12 август на заменик-генералниот секретар на Заедницата на независни држави, Илхом Нематов.
Тој ќе ја предводи набљудувачката мисија на организацијата, во која ќе учествуваат повеќе од 100 експерти.
Шангајската организација за соработка, исто така, ќе испрати своја набљудувачка мисија, предводена од еден од заменик-генералните секретари на организацијата.
Захарова рече дека големиот број потврди го покажува силниот меѓународен интерес за рускиот изборен процес и подготвеноста на странските партнери да придонесат за транспарентноста и легитимноста на гласањето.
Изборите за деветтото свикување на Државната дума ќе се одржат од 18 до 20 септември.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата