Застрашувачка епидемија на ебола ја коси Демократска Република Конго, каде за само три месеци починаа над 2.500 луѓе, а потврдени се повеќе од 5.300 заразени. Стапката на смртност драстично скокна од 20% на дури 48%, што ги крена на нозе Светската здравствена организација (СЗО) и Ватикан, од каде Папата апелираше за итна глобална помош за спасување човечки животи.

Здравствените власти отворено признаваат дека ја губат битката, бидејќи вирусот се шири побрзо отколку што тие можат да реагираат. Досега се заразени околу 160 здравствени работници, од кои 45 веќе им подлегнаа на последиците. Ова е 17-та по ред епидемија во Конго, но важи за најбрза досега и се заканува да ги надмине црните рекорди од минатото.
Најкритично е во покраината Итури, каде раздвиженоста на населението и бегалците од конфликтите дополнително го олеснуваат ширењето. Вирусот веќе стигна до речното пристаниште Кисaнгани, што отвора ризик од фатално пренесување кон главниот град Киншаса – мегаполис со околу 18 милиони жители. Лекарите предупредуваат дека ако еболата влезе таму, следува вистинска катастрофа.

За разлика од Конго, соседна Уганда успеа со строги карантини и следење контакти брзо да ја спречи епидемијата и да прогласи нејзин крај.
Оваа епидемија е предизвикана од специфичниот сој „Бундибугио“, за кој сè уште нема официјална вакцина ниту лек. Еболата се пренесува со директен контакт преку телесни течности и започнува со симптоми налик на грип, а во понапредна фаза доведува до внатрешни и надворешни крвавења и откажување на органите. Надежта сега е положена во пратката од 16.000 дози од вакцината „Ервебо“, која пристигна во Конго со цел да се провери дали нуди барем делумна заштита од овој опасен сој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата