Претставници на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се сретнат денеска во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати, на дводневни разговори, што се први директни контакти меѓу двете земји од февруари годинава, објавија британските медиуми.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела посочи дека е можен широк мировен договор за завршување на војната, што би можел да ја инкорпорира и европската безбедност.
Франција, Германија и Европската комисија испратија претставници на разговорите во ОАЕ, но Русија јасно стави до знаење дека не сака Европејците да учествуваат во нив.
Наместо тоа, украинската делегација ќе се состане одделно со нив за да ги информира своите европски сојузници за напредокот на разговорите, кои започнаа во 10:30 часот по локално време (6:30 часот по Гринич), изјавија властите во Киев.
– Правиме сè за да осигуриме дека Европа е учесник во дипломатскиот процес – изјави вчера шефот на украинската делегација во разговорите, Рустем Умеров.
Предводена повторно од помошникот на Кремљ, Владимир Медински, како главен преговарач, руската делегација за првпат ги вклучува заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков, како и генерал-потполковник Јуриј Жигарловски од Генералштабот на руската армија.
По личната средба со претставникот на рускиот претседател Владимир Путин во Белата куќа минатата недела, Трамп предвиде дека наскоро може да се постигне мировен договор.
Нема јавен знак дека Путин е подготвен да се повлече од неговото инсистирање Украина да го предаде целиот источен регион Донбас пред да се постигне мировен договор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата