Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кои досега во конфликтот со Иран главно беа третирани како мета на Техеран, сега директно се вклучија во војната со воздушни напади на иранска територија, објави „The Wall Street Journal“.
Повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, весникот тврди дека Абу Даби извршил воени удари со што ја промени својата улога во конфликтот, придружувајќи им се на САД и Израел како активен учесник. Оваа операција, која ОАЕ официјално не ја призна, претставува значајна ескалација во персискиот залив.
Главната цел на нападот била рафинеријата на иранскиот остров Лаван во Персискиот Залив.
Изворите тврдат дека нападот предизвикал голем пожар и исфрлил од функција значителен дел од капацитетите на рафинеријата. Техеран тогаш објави дека рафинеријата била погодена во „непријателски напад“, но без директно да го именува извршителот во првиот момент.
По нападот на островот Лаван, уследи силен ирански одговор со ракети и дронови насочен кон ОАЕ и Кувајт. Податоците покажуваат дека Емиратите досега биле подложени на неверојатни 2.800 ирански проектили и дронови, бројка која е поголема од нападите врз која било друга земја во регионот, вклучувајќи го и Израел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата