Јапонската авиокомпанија „Japan Airlines“ инвестираше во американскиот производител на летови „JetZero“ со цел да го поддржи развојот на футуристички патнички авион кој би можел да троши и до 50 проценти помалку гориво во споредба со денешните комерцијални летала, пренесува порталот As.
Станува збор за моделот Z4, кој во моментов е најважниот проект на компанијата „JetZero“. За разлика од класичните патнички авиони кои имаат цевчест труп и посебни крила, Z4 се заснова на концептот на интегрирано крило и труп. Кај овој дизајн, крилата и средишниот дел на леталото се споени во една единствена, совршено аеродинамична целина.
Авионот е проектиран за превоз на околу 250 патници на средни и долги релации. Од „JetZero“ тврдат дека неговиот специфичен облик, благодарение на значително намалениот отпор на воздухот, ќе овозможи заштеда на гориво меѓу 30 и 50 проценти.

Според податоците од авиокомпанијата, Z4 ќе има домет од приближно 9.920 километри, што ќе му овозможи да извршува прекуокеански летови, вклучувајќи ги и директните лини меѓу Токио и западот на САД.
„Нашата соработка со ’JetZero’ за развојот на Z4 е целосно усогласена со нашата определба за одржливи иновации и постигнување нето-нулта емисија на штетни гасови до 2050 година“, изјави Такао Сузуки, извршен директор за корпоративна стратегија во „Japan Airlines“.
Од „Japan Airlines“ засега ја објавија само визуелизацијата на надворешниот изглед на леталото, додека деталите за тоа како ќе изгледа патничката кабина и со колку простор ќе располагаат патниците сè уште не се откриваат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата