Киев предупреди дека сличен договор во минатото им овозможил на руските војници да ги зајакнат своите позиции, поради што постои сомнеж дека Москва би можела да го искористи хуманитарниот пристап за остварување на своите воени цели.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска предложи привремен прекин на огнот во украинскиот град Костјантинивка, тврдејќи дека руските сили ја контролираат населбата и нудејќи прекин на борбите за да им се овозможи на луѓето да се евакуираат.
Предлогот бил изнесен на средбата со американските специјални пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф во Москва.
Путин тврди дека во градот останале меѓу 400 и 500 луѓе и дека привремениот прекин на непријателствата би им овозможил безбедно да го напуштат подрачјето. Тој побара и Украина да преземе соодветни мерки, вклучително и деминирање на теренот, доколку нејзините сили сè уште ја контролираат Костјантинивка.
Украина, сепак, ги отфрла руските тврдења дека градот е под контрола на Москва. Украинскиот Генералштаб соопшти дека неговите сили продолжуваат да се борат против групи руски војници кои се обидуваат да навлезат во населбата.
Киев предупредува и дека Русија би можела да ја искористи хуманитарната операција за воени цели. Украинскиот претседателски советник Дмитро Литвин потсети на сличен предлог за привремен прекин на огнот во Олешки, кој, според него, руските сили го искористиле за ротација на војниците и за испраќање дополнителен персонал во подрачјето.
„Разбирливо е зошто го сакаат ова во Костјантинивка“, изјави Литвин.
Градот и натаму претставува голема пречка за руските обиди да го заземат остатокот од Донечката Област, па неговата контрола е важен воен и дипломатски приоритет за Москва.
Путин, пак, оцени дека поради современите воени можности е тешко да се утврди кој има контрола на теренот, сугерирајќи дека преговорите за територијалните прашања би можеле да траат долго.
Пред средбата во Москва, украинската и руската делегација одржаа дводневни преговори во Абу Даби со посредство на САД. Разговорите завршија без договор за поширок прекин на огнот или мировно решение, но била отворена можноста за нова размена на воени заробеници.
Шефот на украинската делегација Рустем Умеров соопшти дека се разговарало и за можностите за поширок мировен договор и повоената обнова на Украина. Тој нагласи дека безбедносните гаранции се неопходни за завршување на војната.
Кушнер и Виткоф изјавиле дека гледаат можности за напредок во преговорите. По разговорите со Путин, тие треба да се срегнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски и да го информираат за средбата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата