Европската мрежа на активни тимови за потрага по бегалци (ENFAST), со поддршка на Европол, започна нова кампања „Најбарани во ЕУ“, насочена кон пронаоѓање на 19 бегалци од 14 земји, кои се бараат за злосторства врз деца и стари лица.
Според наводите во официјалното соопштение, на листата се наоѓаат лица осомничени за сексуална експлоатација на деца, како и сторители на измами чии жртви биле повозрасни граѓани. Меѓу бараните лица има и осомничени против кои се води кривична постапка, но и веќе осудени лица кои избегнуваат издржување на затворската казна.
Од ENFAST и Европол ги повикаа граѓаните да ги разгледаат профилите на бегалците на веб-страницата „Најбараните во ЕУ“ и анонимно да достават какви било информации што би можеле да придонесат за нивно лоцирање и апсење.
Оваа кампања опфаќа бегалци по кои трагаат институциите на 14 европски држави, и тоа: Австрија, Белгија, Хрватска, Кипар, Чешка, Естонија, Финска, Франција, Германија, Унгарија, Италија, Луксембург, Полска и Шпанија.
Веб-платформата е активна од 2016 година и во изминатите десет години, врз основа на објавените профили, полицијата успеала да уапси вкупно 191 бегалец, при што 58 апсења биле директно овозможени благодарение на дојави од граѓаните.
Само во текот на 2026 година биле уапсени 16 лица од овој список, од кои четворица биле пронајдени по добиени информации од јавноста. Од Европол упатија апел до граѓаните да не им се обраќаат директно на бараните лица доколку ги забележат, туку сите сознанија веднаш да ги пријават до надлежните органи преку веб-страницата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата