Низ државите на Европа се редат протести, се повеќе и се помасовни, во кои се бара од владите да не се даваат повеќе пари за вооружување и воена индустрија отколку досега, како и за војната во Украина. Фабриките се затвораат, отказите се множат, пари за здравство и образование има се помалку.... Од протестите пораката е: Парите да се чуваат и трошат за потребите на своите граѓани.
Истата порака вчера, по средбата со кинескиот прстедател Кси и рускиот претседател Путин ја упати до европските лидери и американскиот претседател Доналд Трамп: Парите од граѓаните употребете ги за нив, а не за одржување на војната во Украина.
Ова е случајот во Берлин кој ја отсликува целата состојба

Учесниците на младинскиот протест во Берлин, кои претходно се собраа на плоштадот Александерплац, пристигнаа до Маријаненплац, пред зградата „Бетаниен“, каде што е предвидено да заврши протестниот марш.
Организаторите проценуваат дека на протестот учествуваат околу 6.000 лица, додека на почетокот на собирот на Александерплац, според полициските проценки, имало меѓу 2.000 и 3.000 демонстранти.
Во протестот учествуваат претежно ученици, но и студенти и млади кои се на стручно оспособување.
За време на маршот, демонстрантите извикуваа слогани против милитаризацијата, воените расходи и општествените нееднаквости. Меѓу пораките што одекнуваа низ улиците на Берлин беа „Ниту еден човек, ниту цент за Бундесверот“, „Антиавторитарно, антикапиталистички“, „Сите сме антифашисти“, „Гнев и решение – револуција“.
На транспарентите, меѓу другото, пишуваше „Реагирајте наместо да игнорирате“, „Училиштето треба да образува, а не да оптоварува“ и „Вашите војни без нас“.
Главните барања на младите се укинување на задолжителната воена служба, запирање на зголемувањето на воените расходи и производството на оружје, како и пренасочување на јавните средства кон образованието, здравството и социјалната заштита. Тие бараат и подобри услови во училиштата и на универзитетите, достапно домување, климатска заштита и поголема социјална сигурност за младата генерација.
Додека минуваа низ берлинските улици граѓани излегуваа на балкони и ги поздравуваа учесниците во протестот.
Младите бараат Владата да ги слушне и да ги промени политиките

Портпаролката на организациите „Gen Z Rebelt Berlin“ и „Gen Z Rebelt Studies“, Вероника Динтер во изјава за МИА посочи дека младите се револтирани од политиките на германската Влада, која, според нив, ги намалува средствата за социјалните потреби, додека истовремено издвојува значителни суми за милитаризација и Бундесверот.
– Нашата генерација е лута затоа што Владата прави социјални кратења и ни вели дека нема пари за добро образование и за инвестирање во нашата иднина, додека истовремено има пари кога станува збор за милитаризација и трошење за Бундесверот.
Јас сум студентка и гледам како студентите во училиштата и на универзитетите седат во училници што се распаѓаат, а нема ниту доволно наставници. Ни велат дека нема пари, но очигледно пари има, само не се инвестираат во нас, изјави Динтер.
Таа нагласи дека младите не сакаат нивните барања само да бидат сослушани, туку очекуваат конкретни промени во владините политики.
– Сакаме Владата не само да нè слушне, туку и да дејствува, да ги слушне нашите барања и навистина да направи промена во своите политики, додаде таа.
Динтер посочи дека на протестот учествуваат и тинејџери кои веќе ги добиваат првите задолжителни писма од германската армија за процена на нивната подготвеност за воена служба, што дополнително го засилува незадоволството кај младите.
„Не сакам да загинам во војна“, порача портпаролката на училишниот штрајк
Против задолжителната воена служба и зголемувањето на воените расходи се изјасни и портпаролката на иницијативата „Училишен штрајк против задолжителната воена служба“ (Schulstreik gegen Wehrpflicht), Џули-Софи Фелдер.
Таа во изјава за МИА рече дека на движењето му се приклучила на почетокот на март, а нејзиниот ангажман е поврзан и со последиците што недостигот на јавни средства ги има врз секојдневниот живот на младите. Како пример го посочи училиштето на нејзината сестра, каде што постоела опасност прозорците да испаднат од рамките и да паднат врз учениците. Наместо да бидат поправени, бил изграден тунел за да се спречи нивното паѓање, бидејќи немало доволно средства за поправка.
– Сакам да истакнам и дека не сакам да загинам во војна. Го гледаме зголемувањето на воените трошоци, кое се претставува како зајакнување на одбранбената армија, но активно служи за подготовка за војна. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека до 2029 година треба да бидеме подготвени за војна, а јас немам намера да загинам во војна, изјави Фелдер.
Таа оцени дека зголемувањето на средствата за милитаризација се одразува врз финансирањето на другите општествени области, кои, како што рече, се важни за квалитетот на животот на младите.
– Бараме повторно да има повеќе пари за образованието и социјалната заштита. Бараме укинување на задолжителната воена служба, а особено укинување на лекарските прегледи за регрутација, кои веќе започнаа, иако требаше да почнат дури во средината на 2027 година, посочи таа.
Меѓу барањата на иницијативата се и безусловна меѓународна солидарност и итно запирање на производството на оружје во берлинската населба Вединг.
– Не сакаме да поддржуваме геноцид, порача Фелдер.
Втор голем протест кај Бранденбуршката порта

Денешниот протестен ден во Берлин опфаќа два големи младински собири. Покрај маршот од Александерплац до Маријаненплац, во 14:30 часот беше вториот протест, под мотото „Нам ни е добро?“, кој почна кај плоштадот „18 Март”, во близина на Бранденбуршката порта.
Во неговата организација учествува и Сојузната конференција на учениците (Bundesschüler*innenkonferenz), а во фокусот се барањата за поголеми инвестиции во образованието, подобри услови во училиштата и поголемо внимание кон потребите на младите.
И двата собира се одржуваат во контекст на незадоволството на младите од приоритетите на германската Влада, особено од зголемувањето на воените расходи во време кога, според нив, недостигаат средства за јавните услуги и социјалната сигурност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата