Полскиот претседател во петокот стави вето на два законски предлога со кои требаше да се воведат таканаречени договори за заеднички живот. Со оваа одлука е запрен обидот за подобрување на положбата на истополовите парови во Полска, една од ретките членки на Европската Унија која сè уште не гарантира речиси никакви права за ЛГБТ-лицата, пишува „Ројтерс“.
Премиерот Доналд Туск ја презеде власта во 2023 година со ветување за реформа на законите за абортус и правата на ЛГБТ-заедницата. Сепак, спроведувањето на овие цели му е отежнато поради поделбите во неговата проевропска коалиција, како и поради правото на вето што го користи националистичкиот претседател Карол Навроцки.
Предлог-законите за статус на најблиско лице и за договор за заеднички живот ќе им овозможеа на две полнолетни лица со договор да го регулираат заедничкиот имот, пристапот до медицински информации или организацијата на погреб.
Предлозите ги поддржа целата владејачка коалиција, вклучително и конзервативната партија ПСЛ. Таа претходно одбиваше слични иницијативи поради стравувањата дека со тоа би се загрозила институцијата брак. Сепак, Навроцки, сојузник на опозициската националистичка партија „Право и правда“ (ПиС), оцени дека предлозите одат предалеку.
Одбрана на „посебниот статус на бракот“
„Овие предлози создаваат нова, формализирана институција во рамките на семејното право, која нуди широк спектар права слични на оние во бракот“, изјави претседателот во видео порака.
„Како чувар на Уставот, не можам да прифатам решение што би довело до губење на посебниот статус на бракот. Тој во член 18 од Уставот е дефиниран како заедница на маж и жена под заштита и грижа на Република Полска“, додаде тој.
Туск остро реагираше на одлуката на претседателот. На платформата „Икс“ напиша: „Претседателското вето е израз на презир кон луѓето и нивното право на среќа и нормален живот“.
За да го поништи ветото, Владата ѝ е потребно мнозинство од три петтини, со присуство на најмалку половина од пратениците во парламентот. Со оглед на тоа дека националистичката опозиција се противи на законите, таков исход во практика е речиси невозможен.
Катажина Котула, владината комесарка за еднаквост, изјави дека Навроцки со својата одлука игнорирал два милиони луѓе кои во Полска живеат во неформални врски.
Котула најави дека сега ќе се насочи кон обезбедување на сите достапни права и привилегии за истополовите бракови склучени во странство. Полска, имено, мораше да ги признае по пресуда на Судот на Европската Унија.
Од Кампањата против хомофобија (КПХ) порачаа дека законите на кои претседателот ставил вето биле само „скелет на првата верзија на законот за граѓанско партнерство“.
„Денешното вето на овој предлог покажува дека за претседателот е премногу дури и апсолутниот минимум на права што законот требаше да ги обезбеди“, стои во соопштението.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата