Рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за официјална посета на Кина, но во неговата агенда засега нема предвидено средба со американскиот лидер Доналд Трамп на кинеско тло. Ова денеска го потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговарајќи на новинарски прашања за евентуален дијалог меѓу Москва и Вашингтон за време на посетата на Пекинг.
Иако точните датуми за патувањето сè уште не се објавени, Песков нагласи дека посетата на врвот е во фаза на интензивна подготовка. Тој ја опиша Кина како „привилегиран стратешки партнер“ на Русија и вети дека јавноста навремено ќе биде информирана за временската рамка на овие контакти на високо ниво. Оваа посета доаѓа по официјалната покана од кинескиот претседател Си Џинпинг, кој го повика својот руски колега во официјална посета во текот на 2026 година.
Кремљ уште во февруари најави дека двете земји годинава ќе ја продолжат воспоставената пракса на редовна размена на посети на државниот врв. Сепак, барем засега, надежите за трилатерална дипломатија или ненадејна средба со Трамп во Кина остануваат без потврда од руска страна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата