Најавено, па одобрено. ФИФА предложи, а Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (ИФАБ) едногласно одобри две измени во Правилата на играта на специјален состанок во Ванкувер. ИФАБ е највисокото и најстарото тело одговорно за утврдување и менување на правилата. Организацијата ја потврди примената на новите правила, кои ќе стапат во сила за Светското првенство, кое започнува за месец и половина во САД, Канада и Мексико.
Во Ванкувер, ФИФА одобри правило наречено „Лекс Винисиус“ или „Закон на Винисиус“. Ова правило ќе резултира со црвен картон за секој што ќе ја покрие устата за да му каже нешто на противникот.
Џани Инфантино го објави ова пред неколку недели. Повод за неговото усвојување беше скандалот во февруари на натпреварот од Лигата на шампионите Бенфика – Реал. Винисиус и Мбапе тврдеа дека противничкиот играч Џанлука Престијани го нарекол Бразилецот на Реал “мајмун“, но дека тоа не можело да се прочита од неговите усни бидејќи ги покрил со дресот додека изговарал расистичка навреда. Аргентинецот беше суспендиран по истрага за три натпревари, но поради хомофобија.
Тој призна дека му рекол на Винисиус дека е „хомосексуалец“ и дека бил казнет за тоа, но она што Винисиус го тврдеше, дека го навредил расно, не беше докажано. Сепак, ова беше причината ФИФА да го усвои споменатото правило, а тоа беше договорено на последното собрание во февруари, веднаш по натпреварот помеѓу Бенфика и Реал.
„IFAB, на својот специјален состанок одржан во Ванкувер, Канада, едногласно одобри две измени во Правилата на играта, предложени од ФИФА, за справување со дискриминаторското и несоодветното однесување“, се вели во соопштението на IFAB. Друга промена е дека играчите кои го напуштаат теренот во знак на протест ќе добијат и црвен картон. Ова е одговор на она што се случи во финалето на Африканскиот куп на нации помеѓу Сенегал и Мароко.
„Судијата може да покаже црвен картон на секој играч кој го напушта теренот во знак на протест против одлуката на судијата. Ова ново правило ќе важи и за тренерите кои ги охрабруваат играчите да го напуштат теренот“, објасни IFAB.