Рајан Аит-Нури предвреме го напушти репрезентативниот собир на Алжир и се враќа во Манчестер Сити по случувањата на натпреварот против Замбија.
Алжирската фудбалска федерација потврди дека селекторот Брахим Хемдани одлучил да го ослободи 25-годишниот лев бек од репрезентативните обврски. Федерацијата не ја наведе причината за одлуката, но алжирските медиуми ја поврзуваат со инцидентот што се случил за време на победата од 3:1 над Замбија.
Аит-Нури натпреварот го започнал на клупата, откако Хемдани предност на левата бековска позиција му дал на Јаоуен Хаџам. Одлуката се покажа како полн погодок, бидејќи Хаџам постигна гол уште во раната фаза од натпреварот.
Во второто полувреме Аит-Нури бил испратен на загревање, но откако Замбија израмнила, стручниот штаб се откажал од измената и го вратил фудбалерот на клупата.
По вториот гол на Алжир, според пишувањата на повеќе алжирски медиуми, Аит-Нури повторно добил инструкција да се загрева, но наводно одбил. Следувала жестока вербална расправија со членовите на стручниот штаб, а во ситуацијата се вклучиле и други членови на репрезентацијата во обид да ги смират страстите.
Фудбалерот на Манчестер Сити на крајот не добил ниту една минута на теренот, а помалку од 24 часа подоцна беше потврдено дека го напушта репрезентативниот камп и се враќа во својот клуб.
Хемдани, кој летово ја презеде алжирската репрезентација, по натпреварот не сакаше јавно да го коментира случајот, но најави дека доколку има ситуација која не е во интерес на репрезентацијата, ќе бидат преземени соодветни мерки.
Со оваа одлука Аит-Нури ќе ги пропушти следните репрезентативни обврски на Алжир, меѓу кои и натпреварот против Бурунди во квалификациите за Африканскиот куп на нации.
За Аит-Нури ова е уште една непријатна ситуација во период во кој се бори и за поголема минутажа во Манчестер Сити. Наместо репрезентативната пауза да ја искористи за настапи и за враќање во ритам, тој ја завршува со предвремено напуштање на националниот тим.