Манчестер Сити во јануари ќе ја дознае конечната одлука за казната поради финансиските малверзации.
Манчестер Сити минува низ можеби најтешките моменти во својата историја. Независната комисија на Премиер-лигата ги прогласи „граѓаните“ за виновни за финансиски малверзации, а сега со големо внимание се следи жалбената постапка што ја покрена клубот од Манчестер.
Иако „граѓаните“ во постапката се застапувани од некои од најдобрите британски правници, сè поизвесно е дека повеќекратниот англиски шампион нема да може да избегне сериозна казна.
Новинарот на „Тајмс“, Мартин Циглер, кој внимателно го следи овој случај, смета дека конечната одлука ќе биде донесена во јануари, а неговата прогноза сигурно нема да им се допадне на навивачите на Сити.
„Веруваме дека жалбената постапка ќе се одржи во рок од 12 недели, а кога ќе заврши жалбата, имате 30 дена за објавување на одлуката. Тоа нè носи некаде до средината на јануари. Затоа мислам дека набргу потоа ќе ја дознаеме казната“, истакна Мартин Циглер.
Тој е изненаден од формулациите употребени во пресудата.
„Да, токму така. Сè беше многу, многу построго отколку што очекував. Го употребија зборот измама и рекоа дека одредени лица дале некакви лажни докази. Значи, формулациите беа значително поостри од она што го очекував“, објасни новинарот.
Новинарот на „Тајмс“ ги изнесе и своите прогнози за целиот случај.
„Што се однесува до жалбата, Сити ги ангажира најдобрите правници за жалбени постапки во земјата, па мислам дека не треба да ги отпишуваме. Но, кога ќе ја погледнам пресудата, сметам дека ќе им биде многу тешко. Ако главното обвинение биде потврдено, Сити ќе се најде во уште посериозни проблеми.
Можно е да им бидат одземени огромен број бодови, што би довело до испаѓање од лигата. Постои и можност за одземање голем број бодови секоја година во текот на неколку сезони, што потенцијално би значело дека нема да имаат право да играат во Европа. Сметам дека тоа се казните што може да се очекуваат доколку жалбата биде одбиена“, истакна Циглер.
Тој го сподели и своето мислење за можната продажба на Манчестер Сити доколку жалбената постапка не заврши во корист на „граѓаните“.
„Мислам дека нема да го продадат клубот, освен ако не бидат принудени на тоа. Сега имаме нов независен регулатор за фудбалот, а доколку се утврдат неправилности, фокусот ќе биде насочен кон она што го направиле одредени лица во клубот. Регулаторот има овластување да ги принуди сопствениците да го продадат клубот. Мислам дека тоа досега никогаш не се случило.
Сметам дека тоа би била прилично екстремна мерка, но прашањето е дали сопствениците ќе сакаат да продолжат да инвестираат во клубот доколку жалбата не биде решена во нивна корист“, заклучи новинарот на „Тајмс“.