Лапорта се налути поради повикот на Рафиња, а сега Анчелоти испрати силна порака

Vecer | 13.11.2026

Лапорта се налути поради повикот на Рафиња, а сега Анчелоти испрати силна порака
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Фото: Brasil Football 🇧🇷@BrasilEdition X

Селекторот на бразилската репрезентација, Карло Анчелоти, говореше за притисоците со кои се соочува од страна на челниците на големите клубови.

Фудбалската репрезентација на Бразил ќе одигра два пријателски натпревари, против Јапонија и Сингапур. Првиот е на програмата утре, кога избраниците на Карло Анчелоти ќе ги одмерат силите со Јапонија.

Токму за претстојниот натпревар, но и за неколку други интересни теми, на прес-конференција говореше поранешниот тренер на Реал Мадрид, а денес селектор на Бразил, Карло Анчелоти.

Италијанскиот стратег смета дека Јапонија е исклучително квалитетна репрезентација која од година во година бележи сè поголем напредок.

„Јапонија е многу конкурентен противник. Во последните години покажа колку добро се натпреварува и колку напредува. Тоа го потврди и на Светското првенство. Има одлични фудбалери и нè очекува исклучително тежок натпревар“, истакна Анчелоти.

Секако, на прес-конференцијата стана збор и за притисоците што европските клубови ги вршат врз италијанскиот стручњак. Дел од клупските челници сметаат дека нивните најголеми ѕвезди не треба да бидат на располагање на репрезентациите за време на секој собир, особено кога станува збор за пријателски натпревари.

Така, претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, беше многу лут поради повикот на Анчелоти за Рафиња, кој се повреди за време на неодамнешниот пријателски натпревар против Австралија.

Сепак, се чини дека таквите притисоци не го загрижуваат италијанскиот стратег. Тој е свесен за грижата на челниците на големите европски клубови за своите фудбалери, но истовремено смета дека во процесот на создавање нова репрезентација му е потребен секој играч.

„Здравјето на фудбалерите секогаш е приоритет. Ако некој играч може да дојде и да биде целосно подготвен, тогаш ќе го следиме неговиот статус. Ќе ја контролираме минутажата на сите фудбалери и ќе ја проценуваме ситуацијата. Ги имаме сите потребни информации за да водиме сметка за оптоварувањето на секој играч и клубовите можат да бидат спокојни кога станува збор за репрезентацијата.

Имаме врвен тим, здравјето на фудбалерите ни е приоритет и ќе направиме сè за да се вратат подготвени. Критиките се нормални. Се наоѓаме во период на транзиција, со нови играчи, и градиме силна група за иднината“, порача Анчелоти.

На крајот, тој се осврна и на Рафиња, за кого смета дека одлично се снаоѓа и во двата тима.

„Рафиња е одличен и тука и во Барселона. Покажува импресивен квалитет во каталонскиот клуб и очигледно е дека може да игра и на позицијата напаѓач“, заклучи италијанскиот стратег.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk